Притисоците растат, гласачите под висок напон!

Според досегашните пријави, најмногу притисоци имало врз вработени во јавниот сектор, а најизразени биле во помалите градови. Пријави за притисоци се множат во МВР, ДИК, ОБСЕ/ОДИХР и кај овластените изборни набљудувачи

Притисоци од раководители врз хиерархиски подредени службеници со условувања на сигурноста на работното место, најави за дисциплински мерки, деградирање и распоредување на други работни места, често и надвор од местото на живеење... Ова се само дел од предизборните притисоци врз гласачите кои документирано се пријавуваат во институциите надлежни за мониторирање на слободното и неусловено гласачко право, и за санкционирање на кршењето на тие права. Пријави за притисоци врз гласачи стигнуваат до МВР, ДИК, ОБСЕ/ОДИХР, до граѓански организации со набљудувачки мисии за изборите и периодот што им претходи, но и до странски амбасади.

Според неформалната статистика, пристисоците доминираат во администрацијата, но не само таму.Во голема мера ги има и во образованието, а како што дознаваме последната пријава од вчера се однесува на одобрено отсуство од часови, што на ученици им го дал директор на средно училиште од внатрешноста, за да одат да се зачленат во подмладокот на една политичка партија. Реагираат родители, наставници, вработени, невработени, приматели на разни социјални додатоци, но и оние кои допрва очекуваат да го остварат тоа право.

Пријавено во МВР

Едно такво „досие“ вчера стигна на работната маса на министерот за внатрешни работи. Дополнителниот заменик министер  за информатичко општество и администрација, Александар Кирацовски, до МВР ја поднесе документацијата што ја добил од вработени во администрацијата преку веб-страницата отворена за пријавување злоупотреби во предизборниот период.

„Овие документи содржат јасни индиции дека раководни кадри во институциите за партиско- политички цели ја злоупотребиле службената положба со тоа што влијаеле врз вработени во администрацијата да бидат гласачи на партијата на власт, да одат на партиски митинзи, протести, контрапротести и слично. Администрацијата се охрабри, не дозволува да биде повеќе инструмент на власта. Станува збор за сериозни индиции за сторени кривични дела. Моја должност е овие информации да ги проследам до надлежните институции и очекувам МВР ефикасно да ги процесира“, изјави Кирацовски.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вели дека МВР ќе ги провери индициите наведени во документите и ќе постапи согласно со своите надлежности. Тој вчера одржа работна средба со шефот на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР, Тана Де Зулиета, на која разговарале за улогата на МВР во обезбедувањето на фер и кредибилни избори. Спасовски потенцирал дека нема да дозволи ниту еден полициски службеник да се вклучи во политички кампањи, и дека нема да дозволи злоупотреба на човечки ресурси или материјални-технички средства за престојната кампања. Истите заложби  министерот ги потенцирал и на средбата со шефот на на одделот за политички прашања во делегација на ЕУ, Лукаш Холуб. Двајцата се согласиле дека мора да се направи се за граѓаните слободно да ја донесат одлуката на 11-ти декември, и дека МВР има голема улога во обезбедувањето на условите за фер-избори.

Најголеми притисоци во малите градови

Но, состојбите на терен не рефлектираат оптимизам дека притисоците ќе стивнат. 

„Притисоци, особено врз вработените во јавниот сектор ќе се зголемуваат поинтензивно со наближувањето на изборниот датум“, вели Кирацовски.

„Вработени во јавниот сектор претставуваат лесен таргет за власта затоа што ги имаат на директен контакт и по список, а од позиција на моќ сметаат дека можат да ги контролираат, да бидат нивни гласачи, да претставуваат базен на гласови - да обезбедат нови 10, 15 гласачи и да бидат кворум на митинзи“, тврди Кирацовски. Притисоци имало во органите на централната и локалната власт, во институции од сферата на здравството, образованието, културата, спортот, трудот, фондовите, агенциите, јавните претпријатија, а најизразени биле во помалите градови.

Најчесто доаѓале од кадри поставени на високи функции: министри, државни секретари, општински секретари, раководители, градоначалници, инспектори... Алатките и институциите со кои може да се реагира за превенирање и заштита на вработените, се претставки до Државниот управен инспекторат, Трудовата инспекција, МВР, Народниот правобранител, но и кривични пријави.

Now live
04:40 минути
Сите содржини | 16.11.2016

Измешани чувства меѓу граѓаните за изборните листи

Разни злоупотреби

Адресите не се малку, но какви се трендовите и ефектите? 

Во периодичниот извештај што го објави невладината огранизација „Цивил - Центар за слобода“ врз основа на извештаите на нејзините долгорочни набљудувачи и пријавите на веб-страницата „Слободни избори“, констатирана е „ужасна злоупотреба“ на социјално ранливите категории граѓани и притисоци и манипулации со сиромашните за изборни цели.

„Без оглед на формалните напредоци во спроведувањето на политичкиот договор меѓу водечката партиска четворка, забележливо е дека кршењето на човековите права и слободи во изборен контекст и политичката дискриминација продолжија со речиси истото темпо“, констатираат од Цивил.

Од таму укажуваат и на голем број нотирани случаи на злоупотреба на јавните ресурси за партиски цели, но и на злоупотреба на личните податоци на граѓаните за партиски цели - анкети, пропаганда и притисоци.

„Како илустрација, во еден случај бележиме дека граѓанка чиј број на мобилен телефон гласи на име на друг член на семејството, прима повици од партиски штаб при што ѝ се обраќаат со нејзиното име и презиме. Тој телефонски број граѓанката го пријавила како контакт во една здравствена установа и една банка. Оттука, произлегува дека еден од овие ентитети го отстапил овој личен контакт за потребите на политичката партија“, велат од Цивил.

На притисоци се жалат и политички партии. Пред десетина денаДемократскиот сојуз обвини дека има координирани и организирани притисоци врз нивни членови од страна на функционери на ВМРО-ДПМНЕ.

„Методите на притисоци главно се сведуваат на коруптивни понуди за вработување или за напредување во кариерата, или пак, преку класични уцени и закани, при што од членовите на нашата партија се бара јавно да се дистанцираат од политиките на партијата и декларативно да преминат во редовите на ВМРО-ДПМНЕ“, соопшти Демократскиот сојуз.

Партијата јавно обелодени десетина такви случаи, но ги објави и функциите на лицата од владејачката партија кои вршеле притисоци врз нејзините членови. Од партијата соопштија дека за сите притисоци се известени МВР, ДИК, ОБСЕ/ОДИХР и дипломатските претставништва во земјава.

Дојче веле се обрати до овие адреси, со прашање дали и како се постапува со примените пријави. Од дел од нив добивме неофицијален одговор дека пријавите се разгледуваат и проверуваат, но и оценка дека бројот пријави „се зголемува“. Оценки за тоа - дали и колку ваквите притисоци го загрозуваат легитимитетот на изборите, ќе дадат по завршувањето на изборниот процес.

Кој е кој во македонската политика

Ѓорге Иванов- претседател на државата

Иванов е на средината на својот втор мандат. Некогаш почитуваниот професор на Правниот факултет во политиката често е предмет на остри критики, а и самиот е извор на бројни контроверзи. Ќе остане запаметен по амнестијата за сите политичари против кои се водеа постапки, по што избувнаа масовни протести. Во јуни 2016 година, по силен домашен и меѓународен притисок, Иванов ја повлече аболицијата.

Кој е кој во македонската политика

Никола Груевски - ВМРО-ДПМНЕ

Беше избран за премиер во 2006 година како млад технократ кој најавуваше „Преродба“ на државата. Кормилото на ВМРО-ДПМНЕ го презеде во 2003. Боксер во детството, брокер во младоста, во меѓувреме стана политичар со најдолг премиерски стаж. Во јануари 2016 ја напушти функцијата жестоко притиснат по скандалот со прислушкувањето. Изборите во декември ќе ја одредат неговата, не само, политичка судбина.

Кој е кој во македонската политика

Зоран Заев - СДСМ

Скандалот со прислушувањето го издигна Заев во водач на фронтот против власта. Долги години мина во сенка на Бранко Црвенковски во СДСМ, кој го аболираше за „случајот Глобал“, а Заев му се одолжи со времено „греење“ на партиската фотелја. Од 2005 е градоначалник на Струмица, а во мај 2013 беше избран за претседател на СДСМ. Неговата амбиција е градоначалничката функција да ја замени со премиерска.

Кој е кој во македонската политика

Али Ахмети- ДУИ 

Ахмети во 2002 година ја замени воената униформа на ОНА со интегративниот „костум“ во ДУИ. Со исклучок на периодот од 2006 до 2008 година, неговата партија е постојан придружник во сите македонски влади. Ниту скандалот со прислушкувањето не го убеди да ја раскине коалицијата со Груевски. Гласањето за некои клучни закони во Собранието укажува дека Ахмети му останува верен на Груевски и натаму.

Кој е кој во македонската политика

Мендух Тачи - ДПА

Иако формално, тој и неговата партија се во опозиција од 2008 година, прислушуваните разговори и начинот на делување на ДПА укажуваат дека Тачи е во постојан дослух со врвот на ВМРО-ДПМНЕ. Долги години во сенка на Арбен Џафери, по неговата смрт во 2012 целосно ја презеде партијата. Од медиумите и опозициските политичари во земјата ја доби титулата „војвода“ поради наводната блискост со ВМРО-ДПМНЕ.

Кој е кој во македонската политика

Здравко Савески- Левица

Докторот на политички науки веќе со години е активен во политиката, не само како член на Президиумот на Левица, туку и како синдикалец и активист за човекови и социјални права. Во политичкото „СиВи“ запишано му е и едно апсење и повеќемесечен домашен притвор под обвинение за учество во толпа. Неговата Левица најави самостоен настап на изборите, со отворена можност таквата одлука да се преиспита. 

Кој е кој во македонската политика

Андреј Жерновски- ЛДП

Иако формално ја напушти лидерската позицијата во Либерал-демократската партија за да им се посвети на општинските задачи, се очекува градоначалникот на скопската општина Центар високо да котира на опозициските листи на парламентарните избори. Со победата во Центар, на изборите кои беа повеќе пати повторувани, доби шанса да стане симбол на движењето против власта.

Кој е кој во македонската политика

Африм Гаши- Беса

Гаши е висок функционер и еден од иницијаторите за формирањето на Беса- партија која претендира да го урне „дуополот“ на ДУИ и ДПА кај албанската етничка заедница. Партискиот лидер Билал Касими веќе најави дека целта на партијата е да стане водечка кај Албанците, но и да иницира промена на Уставот за редефинирање на државата. Тој ги отфрла шпекулациите дека Беса се финансира од Турција. 

Кој е кој во македонската политика

Љубчо Георгиевски - ВМРО-НП

Поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ на политичката сцена е активен единствено во пресрет на избори. Неговата ВМРО-Народна партија долго соработуваше со опозицијата и беше критична кон власта, но во пресрет на вонредните парламентарни избори одново ја актуелизираше можноста за соработка со некогашните сопартијци од ДПМНЕ. Малкумина ќе бидат изненадени доколку тоа се случи. 

Кој е кој во македонската политика

Ивон Величковски - Либерална партија

Претседателот на Либералната партија се обидува да игра меѓу „два огна“ позиционирајќи ја својата партија како алтернатива и на власта и на опозицијата. Остар критичар на власта, но и на пазарењата меѓу четирите водечки партии. Бараше опозициски договор за изолација на ВМРО-ДПМНЕ по изборите, но наиде на молк. Прашање е дали самостојниот настап на изборите на ЛП ќе и донесе пратеничко место?

Кој е кој во македонската политика

Зијадин Села - Движење за реформи во ДПА

Специјалистот по интерна медицина го предводи Движењето за реформи во ДПА откако се одвои од матичната Демократска партија на Албанците и расчисти со некогашниот партиски соработник Мендух Тачи. Анкетите не и даваат големи шанси на неговата партија на изборите, но Села и натаму ќе може да управува со Струга како градоначалник. 

Кој е кој во македонската политика

Љубе Бошкоски- Обединети за Македонија

По излегувањето од затвор, Бошкоски не е многу активен на политичката сцена. Првите месеци ги мина во изолација, а сега најавува учество на неговата Обединети за Македонија на предвремените избори. Прашањето е само... со кого? Засега се најавува соработка со ВМРО-НП на Георгиевски, но никој со сигурност не ја исклучува можноста дека двајцата би можеле да се вратат во прегратките на Груевски. 


Следете нѐ