1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Прличев, сон за македонските автори

6 февруари 2011

„Адам од Говрлево “ од Милован Стефановски е најдобра поема на македонски јазик во 2010 година. Во рамките на манифестацијата „Прличевите беседи “ во Охрид нему му беа врачени Повелбата и наградата Григор Прличев .

https://p.dw.com/p/QyZL
Книгата „Адам од Говрлево“Фотографија: DW

Милован Стефановски над три децении е присутен во македонската книжевно – новинарска јавност. Член е на Друштвото на писателите на Македонија и автор на неколку збирки со поезија и раскази. Зад себе ги има наградите: „Браќа Миладиновци “ и „Роман на годината “ на Утрински весник . Со поемата „Адам од Говрлево “во конкуренција на 25 поеми лани победи на анонимниот конкурс за најдобра поема на македонски за 2010 на „Детска радост “ и Центарот за култура “„Григор Прличев “ од Охрид.

„Секоја награда за творецот е зрак светлина за пречекорување на еден басамак нагоре во потврдата на вредностите на создаденото.Блескотната светлина од престижната награда ќе го покаже патот допрва што треба да се изоди.Среќен сум што сум сега еден од оние кои се обидуваат да го одржуваат пламенчето на Прличевиот дух .“

Panoramabild von Ohrid
ОхридФотографија: Petr Stojanovski

Како се чуствувал Прличев пред сто и педесет години ?

Прличев е се’ уште недостижен и сон за македонските автори признава лауреатот Стефановски:

„Често се прашувам како се чувствувал Прличев пред сто и педесет години пред да ги соопштат резултатите за „Сердарот во Атина. Дури ни самиот не верувал дека ја добил наградата. Но сигурно сонувал дека еден ден на македонските писатели ќе им се врачуваат награди во полна сала, пред свои луѓе.“

Денеска се помалку прозорци отврени кон вистинската страна

„Адам од Говрлево“ е поема со близу илјада стихови. Во неа вешто Стефановски ги израмнува Адам од Библијата и македонскиот археолошки пронајдок Адам од Говрлево.

„Мислам, доволна е потврдата дека некој совршен творец создал совршено дело какво што е Адам од Говрлево . И тоа безмалку шест милениума пред Христа. Оттука и можната врска меѓу библискиот Адам и условно речено нашиот Адам. Тука беше поетскиот предизвик да се доближам до тајната порака кој можеби во себе ја носи археолошкиот пронајдок кој во светот е вреднуван меѓу десетте најзначајни , а ние и по десет години од неговото повторно „раѓање “ мислам дека уште не го удостоивме со должно внимание и почит. Понекогаш мислам дека многу се зафаќаме со декодирање на туѓите знаења, а нашето писмо не го разбираме. Со искрена творечка посветеност може да се отворат вистинските прозорци за да се видиме и надвор во просторот и внатре во себеси, и некогаш во минатото и денес во сегашноста. Во денешната куќа на мојот народ се помалку има прозорци отворени кон вистинската страна, а се побројни се тие што се обидуваат да ни го посочат и патот и правецот. За жал, најчесто погрешниот! “

Milovan Stefanovski Dichter und Schriftsteller Mazedonien
Поетот и писател Милован СтефановскиФотографија: DW

Како преку творештвото да се освои светот ?!

Во услови на сеопшта криза економска ,ама и морална творците имаат посебна задача во општеството. Нормално Стефановски за својата фела и за себе во неа:

„Наградите се светлото лице на книжевната стварност. Се залажуваме со наводно наши пробиви во светот, со платени преводи од наш џеб и најчесто стигнуваме до соседството.Дури и таму сега влегуваме преку Европа. Секоја година на Струшките вечери се претставува по една национална поезија . На принцип на реципроцитет ќе имавме антологии на македонска поезија објавени во педесеттина земји.Но немаме. Време е да помислиме на нас и нашите вредности.“

„Прличевите беседи“ творците ги доживуваат како празник. Среќни се што со наградата за поема еден од најтешките родови во литературата се поткрева нивното достоинство, но и достоинството на творештвото.

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Симе Недевски