1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

131109 Orthodoxie EKD

16 ноември 2009

На чело на Евангелистичката црква во Германија веќе две недели е - жена. Маргот Кесман е прва жена на оваа функција и има цркви кои со тоа имаат проблем, како Руската православна црква.

https://p.dw.com/p/KXmx
Патријархот на Руската православна црква Кирил и Маргот Кесман, Претседател на Советот на Евангелистичката црква на ГерманијаФотографија: picture-alliance/ dpa / DW Montage

Разведена жена на врвот на Евангелистичката црква во Германија. Тоа за Руската православна црква е очигледно голем проблем. Дијалог меѓу Московската патријаршија и Евангелистичката црква на Германија по изборот на Кесман за претседател на Советот на евангелистичката црква веќе не е можен, соопшти Одделението на Руската православна црква за меѓународни односи. Маргот Кесман вели дека не очекувала ваква реакција на нејзиниот избор. За „Бајерише рундфунк“ таа рече: „Во екуменското движење досега дел од меѓусебната почит беше да се каже - ние имаме можеби различно разбирање на црквата, за функциите, за ординирањето, или за назначувањето на свештениците, но сепак водиме дијалог во рамки на екуменското движење, затоа што има повеќе работи коишто не‘ поврзуваат, отколку што не‘ разделуваат.“

Нови тонови во дијалогот

На крајот на ноември треба да се прослави голем јубилеј - 50 години дијалог меѓу Руската православна црква и Евангелистичката црква во Германија. Овие свечености ќе означат крај на разговорот, најави архиепископот Иларион за весникот „Комерсант“. Тој важи за силна личност во руската црква. Извесен број години Иларион беше епископ во Виена, а сега раководи со Одделението на Руската православна црква за меѓународни односи. Неговиот екуменски став е недвосмислен. Тој има добри односи со Римо-католичката црква и постојано ги критикува протестантските цркви, на пример поради нивниот став кон хомосексуалноста или ординирањето на жените. „Една христијанска црква треба да и‘ биде верна на Библијата и да ја негува христијанската традиција. Кога ќе се донесат одлуки против учењето на Библијата и против традицијата, тогаш сме многу незадоволни.“

Margot Käßmann Flash-Galerie
Маргот Кесман прво ќе го посети Роберт Цолич, претседателот на католичката Германска бискупска конференцијаФотографија: picture-alliance/ dpa

Вакви тонови се нови во екуменскиот дијалог. Евангелистичките и православните цркви со децении соработуваат добро, во светски рамки во Екуменскиот совет на црквите, но и билатерално во рамки на германско-руските форуми за дијалог. Во евангелистичката црква, жените можат да бидат избрани на секоја функција. Католичката црква, тоа, очигледно го прифаќа: „Од страна на Римо-католичката црква примив срдечни честитки. Тука соработката е добра и полна со доверба, веќе со децении, а и со римо-католичката црква има разлики во сфаќањето на функциите и на црквата“, вели Кесман.

Таа знае како да ги истакне пријателските зборови. Затоа своето прво патување на чело на Евангелистичката црква ќе го реализира во Фрајбург, кај Роберт Цолич, претседателот на католичката Германска бискупска конференција.

Автор: Тилман Клајнјунг / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Жана Ацеска