1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Проблемот на името не смее да ги спречи преговорите со ЕУ

Тони Гламчевски5 јули 2012

Претседателот на Кипар Димитрис Христофиас, рече дека проширувањето на Европската Унија е еден од главните приоритети на Кипар, но европратениците се критични поради изоставувањето на Македонија

https://p.dw.com/p/15RRY
Димитрис ХристофиасФотографија: AP

Иако проширувањето на ЕУ ќе биде приоритет на Кипар, претседателот на Кипар, Димитрис Христофиас во говорот пред Европскиот парламент се задржа многу кратко, не споменувајќи ниту една земја посебно.

Што се однесува до изоставувањето на Македонија од официјалната програма на кипарското претседателство од кипарската делегација во Стразбур бевме увереувани дека иако целите на Kипар како претседавач со Унијата се однесуваат на специфични земји од регионот (Црна Гора и Србија), во програмата има параграф кој се однесува на целиот Западен Балкан, и дека Kипар е подготвен да ја унапреди нивната европска перспектива.

За преговори потребна е согласнос од сите земји членки на ЕУ

Кипарскиот европратеник од обединетата европска левица, Такис Хаџигергиу, на прашањето на Дојче Веле дали е можно Македонија да ги започне преговорите за време на нивното претседавање одговара:

„Вие сигурно знаете дека за да се постигне напредок е потребна согласност од сите 27 земји членки. Тоа не зависи од кипарското претседателство, туку од земјата која се спротистави на отворањето на преговори со поранешната југословенска Република Македонија. Од наша страна се разбира дека ќе вложиме напори и ќе се обидеме да постигнеме договор меѓу сите 27 земји членки на ЕУ за да можат да започнат преговорите. Но според мене ќе биде тешко да се постигне тоа.“

Во ЕП се работи на изнаоѓање на решение

Мешовитиот парламантарен комитет Европска Унија – Република Македонија во усвоените препораки побара конкретно датумот за преговори за Македонија, да биде утврден за време на кипарското претседателство.

„Целосно се согласувам со оваа резолуција и ние работиме на решението да започнат преговорите до крајот на годинава или на почетокот на идната година“ – додава германскиот европратеник Бернд Поселт. Според него ова прашање се наоѓа и на дневниот ред на групата на Народните партии при Европскиот парламент.

Може да се претпостави зошто Македонија не е во програмата на Кипар

Словенечкиот европратеник Иво Вајгл е многу подиректен за изоставањето на Македонија од кипарската програма.

Europaabgeordneter Hannes Swoboda, Fraktionschef der Sozialdemokratischen Partei bei einer Pressekonferenz in Moskau, am 20.03.2012. Copyright: DW/Egor Winogradow Moskau, 20.03.2012
Hannes Swoboda bei PK in Moskau am 20.03.2012Фотографија: DW

„Вие можете само да ги претпоставите причините зошто за време на шестмесечното претседавaње на Кипар, Македонија не е приоритет. Тука има некоја поврзаност со ставовите на Грција, тоа е евидентно и не треба да се залажуваме. Европската комисија, а Европскиот парламентот уште пред тоа, ги искажа своите интересе да Македонија конечно напредне од мртвата точка. Почетокот на дијалогот на високо ниво треба да се валоризира како израз на добра волја и подготвеност да и се отвори патот на Македонија. Но потребно е и од страната на Македонија да се покаже подготвеност дека некои проблеми од историјата и симболите не се ставаат во прв план.“

Иво Вајгл не верува дека е можно да започнат преговорите со Македонија без претходно да биде решен спорот со името. Тој го охрабрува потегот за кој се залага Македонија да решавањето на спорот со Грција да биде според хрватско-словенечкиот пример.

„На крајот на краиштата треба да и се рече на Грција, што јас го имам направено во повеќе наврати, дека тие во моментов се проблем на Европа и дека таа не треба да биде државата која им ја затвора вратата на некои нови членки на ЕУ. Грците ги добија своите отстапки и бонуси во минатото, а некои од нив незаслужено. Тоа е така, бонусот секогаш го има тој кој што е внатре, тоа е многу едноставно“ нагласува Вајгл.

Проблемот со името не смее да ги попречува преговорите

Од своја страна претседателот на групата на европските социјалисти во ЕП, Јоханес Свобода е на мислење дека ЕУ не смее да дозволи проблемот со името да се вкорени и да ги спречува преговорите на Македонија.

Според Свобода ако Грција се најде во една подобра економска ситуација, во текот на идната година Европскиот совет и Европската комисија ќе треба да ја релансираат иницијативата за изнаоѓање на решение, на начин двете страни да седнат на иста маса за да најдат решение за името со што ќе можат да започнат преговорите и покрај разликите за името.