1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Прогноза за деловната клима во Македонија

8 мај 2009

Стопанските активности во Македонија се задоволителни, но значително влошени во однос на лани. Ова е генералната оценка на германско-македонското стопанско здружение, кое редовно го истражува пазарот во Македонија.

https://p.dw.com/p/HmAi
Фотографија: AP

Анкетата за 2009 покажува дека околу 86 проценти од компаниите ја оценуваат својата деловна положба како задоволителна или добра, но во споредба со лани, се помал е бројот на компании кои позитивно ја оценуваат бизнис климата во Македонија.

„86 проценти сметаат дека бизнис климата е задоволителна или добра, но економското опкружување во последно време станува се покомпликувано. Оваа година за 39 проценти од компаниите деловната клима е добра, за 47 проценти е задоволителна, а за 14 проценти е лоша. Во 2009 компаниите планираат помалку инвестиции“, изјави Михаел Шмит делегат на гермаснкото стопанство за Балканот.

Деловните очекувања за годинава се песимистички

Преку 53 проценти од анкетираните компании сметаат дека економската состојба ќе се влоши. Минатата година вака мислеа само 7 проценти од испитаниците. Освен оценка на состојбата, германско-македонското стопанско здружение дава и препораки за приоритетните мерки што треба да ги преземе македонската економија. Правната сигурност и ефикасната и транспарентна јавна администрација се клучот не само за стабилен економски развој туку и за стремежот на земјата за членство во Европската унија.

Претседателот на македонско-германското стопанско здружение, Николај Бекерс, потенцираше дека за сите инвеститори најважно е да важат исти правила за бизнис.

„Со сите странски здруженија и со германско -македонското стопанско здружение сакаме да нагласиме дека се потребни итни реформи, особено во јавната администрација и зајакнувањето на правната сигурност и стабилноста во политичкото опкружување“, истакна Бејкерс, претседател на македонско германското стопанско здружение.

ЕВН тема и на денешната дебата

Незаобиколна тема на ваквите дебати за бизнис климата во Македонија е третманот на странските инвеститори особено сега кога спорот меѓу владата и ЕВН доби меѓународни политички димензии.

Германската амбасадорка во Македонија Урлике Кноц се огласи со прилично остра критика за третманот на австриската компанија во Македонија. „Расправата помеѓу владата и ЕВН Македонија многу внимателно се набљудува во странство веќе неколку месеци. Првостепената одлука на судот отвори многу прашања, меѓу кои и прашањето за судскиот систем. Тоа е значајно за секој странски инвеститор, што во иднина многу добро ќе размисли и ќе се праша дали да инвестира во оваа земја“, изјави германската амбасадорка во Македонија, Урлике Кноц.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Александра Трајковска