1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Продолжува потрагата по терористи во Велика Британија

11 август 2006

До сега се упасени 24-ица, претежно од муслиманско потекло, кои според сознанијата на британските сили за безбедност планирале атентати врз 10-тина патнички авиони со крајна цел во САД. Британските медиуми јавуваат дека во заговорот биле вклучени вкупно 50-тина лица.

https://p.dw.com/p/Ac49
Засилени се мерките за безбедност и пред зданието на британскиот Парламент
Засилени се мерките за безбедност и пред зданието на британскиот ПарламентФотографија: AP

Британските истражни органи се‘ уште не соопштуваат детали околу идентитетот на подготвувачите на заговорот. Јавниот британски сервис БиБиСи во меѓувреме јави дека осомничените атентатори имале врски со терористичката мрежа Ал Каеда. На рацијата во Лондон и предградијата и‘ претходеле повеќе апсења во Пакистан. Како британските, така и американските медиуми, повикувајќи се на разузнавачки извори, јавуваат дека во целата операција имало тесна соработка на службите од САД, Велика Британија и Пакистан.

Утринава „Бенк оф Ингланд„ објави список од 19 лица чии банковни сметки се блокирани по налог на Министерството за финансии. Најголемиот дел од имињата звучат муслимански, а станува збор претежно за жители на Лондон. Она што стручните лица најмногу ги загрижува е фактот што организаторите на нападите веројатно потекнуваат не повеќе од маргините, туку од средината на британското општество:

„Застрашувачкото е тоа што станува збор за терористи кои се родени и одраснале овде. Тоа ја прави заканата уште поопасна„ – оценува експертот за безбедносни прашања Сајан Гохел.

Раководителот на анти-терористичката операција, шефот на Скотланд Јард Питер Кларк изјави дека најважните фигури на заговорот се веќе уапсени. Но, операцијата се‘ уште не е завршена:

„Пребаруваме уште одреден број деловни простории и станови, не само во Лондон, туку и на други места. Сметаме дека операцијата ќе потрае уште некое време„ – појасни Кларк.

Министерот за внатрешни работи Џон Рид упати апел до населението да не крева паника:

„Ги презедовме неопходните мерки на предострожност за да го заштитиме населението, прво преку апсењата, а второ така што за сега останува највисокиот степен на тревога.„

Извори на Сколанд Јард тврдат дека спречената серија атентати ќе предизвикала неверојатно голем број жртви. Според нив станува збор за најголем тероростички заговор од нападите врз САД од 11. септември 2001-та година. Терористите планирале да прокриумчарат елементи за експлозивна направа, разделени на повеќе дела. Тоа биле соодветни течни хемикалии, кои кога ќе се спојат на соодветен начин можат да предизвикаат ефект на вистинска бомба. Според планот, најголемиот дел од хемикалиите требало да бидат сместени во непровидни шишиња за фитнес напитоци, а дел во шишенца за млеко. Како запалки за бомбите требало да послужат вокмени и други направи за слушање музика по пат.