Проектите со автопатите биле свесно кочени!

Директорската смена во Јавното претпријатие за државни патишта открива нови скандали. Не само за кинеските, туку и за автопатот Демир Капија-Смоквица!

„Би бил среќен ако Кичево-Охрид успееме да го изградиме за три години“, вели за Дојче веле, Зоран Китанов, директор на Јавното претпријатие за државни патишта. Смената на раководната функција во оваа клучна државна институција преку која се турка овој, но и неколку други големи капитални инфраструктурни проекти, открива нови информации за грешките и пропусти со автопатите кои се градат со кинески пари:

„Состојбата што ја затекнавме е далеку од розова. Што да ви кажам, за еден месец откочуваме работи што се кочеле две години. Сега слушаме како сите се жалат, кукаат и се вадат, а ниту еден од проектантите и ревидентите на работите на кинеските автопати не си ја изработил добро работата“, коментира Китанов. 

Надзорот укажувал на проблемите

Од досегашната анализа на затекнатата документација во Јавното претпријатие, евидентно е дека во целиот процес имало и укажувања за проблемите:

„Кај автопатот Кичево-Охрид за пропустите имало укажувања. На пример, во делот кај тунелите надзорниот орган навремено укажувал на сѐ и за тоа ги имаме сите списи. Со потпис и печат, уредно заведени. Но некој таму за тунел од два и пол километри направил само три бушотини и го нацртал оти треба да биде втора категорија. А сега копаат и излегува дека е шеста категорија земјиште, што ќе чини повеќе од двојно поскапо. Што да ви кажам? Дури и бушотините не се вршени на делот од трасата каде што требало да биде тунелот. А како што кажав, имало укажувања за тоа“,вели Китанов.

Mazedonien Autobahn Kicevo-Ohrid

Кичево-Охрид готов наредната деценија

Пропустите и грешките на двете автопатски делници кои се градат со кинески кредит ќе ја чинат Македонија дополнителни пари, но и време. За делницата Миладиновци-Штип, Владата и кинески „Синохидро“ потпишаа договор со кој крајниот рок за изведбените работи се пролонгира до 30 септември 2018, без дополнителни финансиски импликации. Но за Кичево-Охрид ќе требаат дополнителни средства и подолг временски рок:

„Рокот за изградба на Миладиновци-Штип е пролонгиран, а за автопатската делница Кичево-Охрид ќе треба време и финансии. Колку точно ќе чини, сега не можам да кажам. Што се однесува до крајниот рок, би бил среќен ако успееме за три години“.

Се кочел и автопатот Демир Капија-Смоквица

Но не се само кинеските автопати. Поради банални работи се кочела и пролонгирала работата и на други значајни инфраструктурни проекти. Конкретно, во делот на автопатската делница од Демир Капија. 

„И кај оваа делница работите биле заглавени две години. За еден месец издадов дозвола за градба за изместување на далноводот и работата ќе биде завршена до 16 ноември. Две години за дозвола чекал и контролниот пункт кај Неготино и сега и на тоа се работи и тој ќе биде готов на крајот на јануари. Две години се чекало и за дозвола и за новите електронските патарини долж Коридорот 10“.

Причините за сите овие доцнења, според Китанов, биле банални:   

„Пример - дозволата за градба за контролниот пункт кај Неготино, за автопатот Демир Капија-Смоквица. Таа не се давала две години, а маркичката за градење била на имот во сопственост на Република Македонија. Кажете ми, што било проблем да се чека толкав период за да се префрли маркичката од страна на државата на Јавното претпријатие за државни патишта? Банални работи, но некој намерно ги кочел работите“, реагира Китанов.

Од завршувањето на овие две позиции зависи кога конечно ќе профункционира автопатската делница Демир Капија-Смоквица со која целосно ќе се заокружи Коридорот 10 на ниво на автопат. Овој проект поранешната власт неколкупати најавуваше дека ќе биде отворен, беа наведувани и конкретни рокови но сите тие беа пробиени поради причини кои јавноста дури сега ги дознава. 

Mazedonien Autobahn Kicevo-Ohrid

Ќе има ли одговорност?

Јавното претпријатие за државни патишта е клучниот државен орган преку кој поранешната власт ги туркаше сите клучни инфраструктурни проекти. Како договорна страна со кинеските инвеститори, преку ЈПДП се префрлувале и парите од кредитот што Македонија го доби од кинеската „Ексим“ банка во висина од 579 милиони евра за изградбата на автопатите Кичево-Охрид и Миладиновци-Штип. Овие пари преку Јавното претпријатие биле исплаќани на кинеската компанија „Синохидро“, од каде пак потоа средствата биле префрлани на сметките на изведувачите и подизведувачите. Токму делот на финансиите, односно патот на парите, е и предмет на обвинението кое го отвори и Специјалното јавно обвинителство. Досегашните анализи открија низа грешки и пропусти во изведбата на двете автопатски делници. Дел од експертите реагираа дека работите се изведувале нестручно, а целиот проект свесно, или несвесно бил преплатен. Неофицијално - за околу 150 милиони евра. Конечните биланси во делот на финансиите, допрва ќе се утврдуваат.

Автомобили и мобилност

Контроверзен проект

Уште од самиот почеток, целата постапка околу изградбата на автопатот беше обвиена во контроверзи. Наместо преку тендер, поранешната влада на ВМРО-ДПМНЕ одлучи договорот за изградбата на двете делници со кинеската компанија Синохидро: Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид, да го протурка со закон преку парламентот.

Автомобили и мобилност

Проект вреден над половина милијарда евра

Со договорот за изградбата на двата автопати беше предвидено тие да чинат 579 милиони евра- обезбедени преку кредит од кинеската Ексим банка. Делницата Миладиновци-Штип е со должина од 47 километри, додека автопатот Кичево-Охрид е со должина од 57 километри. Изградбата започна во мај 2014 година.

Автомобили и мобилност

Редица грешки и пропусти

Иако од почетокот на годинава беше познато дека изградбата на делницата Кичево-Охрид е во застој, информациите до јавноста за бројните проблеми протекоа дури по промената на власта. Во извештајот на надзорот се наведуваат сериозни грешки и проблеми во проектирањето и во реализацијата на проектот. Проценките се дека ќе бидат потребни дополнителни 130 до 150 милиони евра за да се заврши автопатот.

Автомобили и мобилност

Проблематични косини и тунели

Најголеми грешки се утврдени во проектирањето на трасата, косините на автопатот, како и кај тунелите. Санација на штетите или комплетно нова траса? Одговорот на ова прашање ќе треба да го дадат експертите. Новата влада спроведува комплетна ревизија на проектот, но ќе мора да одлучи дали и како ќе ја финансира финансиската дупка која се јави при изградбата?

Автомобили и мобилност

Неизвесен крај

Според актуелните проценки на Министерството за транспорт, во оптимистичко сценарио делницата Кичево-Охрид најрано може да биде завршена до октомври 2019 година. Пореалистична е варијантата дека изградбата ќе се одолжи до средината на 2020 година. Автопатот Миладиновци-Штип, пак, би требало да биде готов до втората половина на следната година.

Автомобили и мобилност

Одговорност за пропустите?

Премиерот Зоран Заев веќе најави стопирање на проектот додека не завршат сите ревизии и проценки на штетите. Заев ќе мора да преговара со кинеската страна за продолжување на роковите и начинот на кој ќе се финансираат новите трошоци. Случајот го истражува и СЈО, а меѓу обвинетите во случајот „Траекторија“ е и поранешниот премиер Никола Груевски.