1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

070809 Klimawandel

11 август 2009

Прогнозите на експерти за климата - се’ поекстремно време, суши, поплави, тајфуни и лизгање на земјиштето - веќе се реалност. Но во Германија времето веќе не е како што беше порано.

https://p.dw.com/p/J775

На самитот на Г8 минатиот месец, големите индустриски земји си поставија цел, порастот на просечната температура на земjинава топка до 2050 година да се ограничи на два степена Целзиусови. Но, сепак изостанаа конкретни обврски за намалување на емисиите на јаглен-диоксид во атмосферата. Многумина и без тоа се прашуваат: не е ли во 2050 веќе предоцна, оти промената на климата веќе денес се чувствува насекаде во светот, некаде и со опустошувачки последици.

Два степена не звучи многу, но кога станува збор за глобалната клима, тие можат да бидат решавачки за опстанокот на нашиот сопствен животен простор. За два степена потопла клима на планетава би значело сериозни последици не само за земјоделството, туку и за иднината на човештвото. Само во последните сто години климата се затопли за речиси еден степен Целзиусов.

Во Германија веќе нема пролет и есен, туку само лето и зима

Што значи тоа локално за Германија, објаснува Петер Трилоф од една задруга за производство на овошје од регoинот на Боденското езеро, на југот на Германија: „Погледнато преку цела година нема толку голема промена, просечните годишни вредности останаа релативно константни. Но, ако станува збор за поединечни месеци, тогаш има многу јасни промени. На пример, се зголемува распонот меѓу најниските и највисоките температури.“

Segler auf dem Bodensee
Боденско езеро

Во задругата со децении редовно ги мерат температурите. Несомнени знаци за промена на климата има особено во последните две децении. „Имаме нагли промени од ладно на топло и обратно. Практично, веќе и немаме пролет и есен, туку, помалку или повеќе, само лето и зима. Многу почесто бие град, отколку во поранешните децении.“

Се’ почести се екстремните временски промени во тој регион со блага клима и дури се чувствува и недостиг од вода, што порано беше непознато. „Во јуни, на пример, во последните 18 години има приближно 50 проценти помалку врнежи, кои се уште и нерамномерно застапени - кога врне, тогаш многу силно и за кратко време, па имаме поплави, а потоа со недели нема капка дожд“, вели Трилоф. Последици од ваквото време се ширење на болести, пребрзо растење на плодовите во погрешно време, тие веќе не можат да се чуваат во магацини или едноставно немаат вкус.

Во светот промените се уште поекстремни

Dürre Nordkenia
Суша во северна КенијаФотографија: DW /Maya Dreyer

Проблемите на одгледувачите на овошје од Боденското езеро многу поекстремно ги чувствуваат нивните колеги во земјите од југот. Грејс Мваура од Кенија ги пренесува сопствените искуства. „Во моето детство секогаш садевме различни сорти зеленчук, имавме овошје и можевме секогаш да сметаме дека ќе има дожд. Сега многу од тоа веќе не можеме да одгледуваме, туку само работи отпорни на суша, кои не се зависни од дожд“.

Селаните насекаде во светот имаат слични искуства. Прогнозите на експерти за климата - се’ поекстремно време, суши, поплави, тајфуни и лизгање на земјиштето - веќе се реалност.

Автор: Хеле Јепесен / Зоран Јордановски

Редактор: Александра Трајковска