1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Промените на климата закана за културното наследство

Милчо Јованоски 8 декември 2013

Скопскиот Аквадукт, локалитетите Стоби и Плаошник во Охрид до неодамна беа под лупа на германски експерти. Тие извршија проценка за влијанието на климатските промени врз културното наследство.

https://p.dw.com/p/1AUyH
Фотографија: DW/Milco Jovanovski

Мајкл Шмит и Брита Рудолф од Институтот за културно наследство од Германија во два наврати изминатово лето беа заедно на терен со нивните македонски колеги. Деновиве во Скопје на стручната јавност и понудија Извештај од шеесеттина страници кој велат дека е добра основа за идните преземња во однос на спречување на ранливоста на кулутрното наследство под закана на климатските промени. Во Студијата за трите локалитети Аквадукт, Стоби и Плаошник се вели дека може да се очекуваат појави кои ќе предизвикуваат значителни оштетувања, предизивикани или забрзани од климатските промени. Градбите градени пред векови и во други климатски услови ќе имаат потреба од адаптивни мерки. Претпоставка е дека во следниве децении ќе се зголемува влажноста, а со тоа и ризиците од влага, кондензација, и распаѓање на дел од материјалите.

Дождовите и поплавите опасност за Аквадуктот, Стоби и Плаошник

Врз Аквадуктот лоциран крај реката Серава и на рид во близина на Скопје се очекува климатските промени најмногу да влијаат на статиката и структурниот интегритет на споменикот. Мрзнењето и топењето, пообилните врнежи и поплави и се почестата заситеност на почвата од вода во иднина ќе бидат главен непријател на градбата. Слична судбина го очекува и археолошкиот локалитет Стоби. Реките Вардар и Црна уште од антитчко време го поплавувале просторот. Тепературите околу нулата, зголемените количини од дожд и непредвидливите поплави ќе влијаат на структурната стабилност на арехолошките остатоци како и врз градежните материјали. На пример сивецот како најзначаен материјал за градење во Римскиот период е најранлив на климатските промени и се манифестира со негово лижење и распаѓање.

Ein Neubau nahe arhäologische Lokalität Plaosnik
Фотографија: DW/Milco Jovanovski

Археолошкиот локалитет Плаошник во Охрид е под влијание на природните водени струи. Екстремните временски настани од минатото оставиле оштетувања од ветерот и ерозија. Под нормални услови Плаошник не би бил изложен на потенцијални закани од климата. Но, очекуваните климатски промени ќе го започнат процесот на разложување, како последица од екстремните дождови. Шмит и Рудолф во извештајот објавен и на интернет страницата на Министерството за животна средина со резерва гледаат на истекувањето на дождовницата на локалитетот Плаошник кој моментално е големо градилиште.

Градбите сигурно ќе ја изменат автентичноста на локалитетот заштитен од УНЕСКО

„Особено истекувањето на дождовницата предизвикува загриженост при предвидување на последиците предизвикани од климатските промени, бидејќи новите градби ги блокираат претходните решенија за нејзин одвод. Најконтроверзниот аспект кој влијае врз заштитата е изградбата на Универзитетот на Свети Климент, дополнителните градби и новиот манастирски комплекс. Обемот на проектот е голем и зачудувачки е што овој проект добил одобрение од Центарот за светско наследство на УНЕСКО.“ На авторите на студијата им се чини дека проектот исто така значително ќе ја измени и автентичноста и интегритетот на локалитеот заштитен од УНЕСКО. „Дел од археолошките остатоци биле отстранети, а дел од нив ќе бидат покриени со новите бетонски градби. Сегашната црква Свети Климент и Свети Пантелејмон ќе биде опкружена со масивни градби од по три ката од секоја страна, а крстот на црквата ќе биде само малку повисок од конференцискиот центар во идниот универзитет“, пишува во Извештајот.

Потребен е сериозен пристап кон климатските промени

Експертите од Германија признаваат дека и покрај несебичната помош од нивните колеги од Заводот и Музеј од Охрид и вкупната документација која им ја дале на увид, поради кусото време тешко им било да го оценат влијанието на инфраструктурните зафати за изградба на нови градби – особено на цевките за довод и одвод, како и на темелите на новата градба врз арехолошките остатоци кои се уште се закопани под Плаошник. Но заминале со впечаток дека бетонските темели се на длабочина од најмалку 2 метри и дека голем број претходно ископани арехолошки остатоци морало да бидат отстранети за да се овозможи изградбата, како и тоа дека проектот е очигледен обид да се задржат многу од археолошките остатоци во холот на музејот и на приземјето. Недоволните претходни истражувања и познавања за состојбата на почвата, како и стратиграфија на почвата и подземните водени тела на локалитетите ја намалиле можноста истражувачите да проектираат конкретни мерки за адаптација – особено во однос на идниот развој на Плаошник и враќањето на реката Серава во природното корито. Па му препорачуваат на Министерството за култура и на органите надлежни за културното наследство да продолжат со набљудување на климатските промени на локалитетите подолг временски период, за да се проверат наодите претставени во нивниот Извештај. Македонија е дел од меѓународниот проект: „Приспособување кон климатските промени на Западниот Балкан“ кој е резултат на соработката на Германското друштво за меѓународна соработка и ресорните министерства од Албанија, Косово, Србија, Црна Гора. Токму регионалниот пристап е патот за заштита на културното наследство и од климатските промени. Германските експерти ги дадоа насоките, излезните решенија, но ги наведоа и фондовите, до кои се доаѓа само преку издржани проекти.

Neues aus Mazedonien 2011
Фотографија: Milco Jovanoski