1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Патување

Промени на летањето со авион поради короната

Мирјам Бенеке
20 јуни 2020

Речиси сите граници во ЕУ се повторно отворени. Тоа значително ќе го зголеми и аеродромското работење. Но, оние кои сакаат во наредните недели да седнат во авион, треба да знаат неколку работи.

https://p.dw.com/p/3dqKm
Deutschland Coronavirus Flughafen Düsseldorf
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Kusch

Патниците кои деновиве тргнуваат на одмор во Европската унија, би требало да се запознаат не само со правилата кои важат во време на пандемија на корона во земјата каде што ќе летуваат, туку и со правилата на аеродромите и во авионите.

Повеќе: Првите „тест-летувалци“ од Германија пристигнаа на Мајорка

Што по пристигнувањето на аеродром?

Прво најважното - патниците мора на сите европски аеродроми да носат заштитна маска и тоа „од стапнувањето на терминалот на аеродром, се’ до напуштање на терминалот на аеродромот на којшто се слетува“. Така стои во насоките кои ЕУ ги објави за патувањето со авион во време на пандемија. Изземени од тоа се децата под шест години и луѓето кои поради здравствени причини не можат да носат маска.

Освен тоа, патниците мораат да ја менуваат заштитната маска секои четири часа и треба редовно да ги мијат и дезинфицираат рацете. Со оглед на тоа што при чекирањето, влегувањето во авион и летањето минуваат повеќе часови, патниците мора во својот рачен багаж да имаат една до две резервни маски.

Иднината на патувањето со авион

Што се менува од предавањето на багажот до влезот во авион?

Кога сме кај рачниот багаж, треба да се знае дека на најголемиот дел германски аеродроми во меѓувреме важи правилото дека секој патник смее да носи само едно парче рачен багаж. На тој начин би требало да се намали опасноста од зараза при безбедносната контрола. Кога се чека за безбедносна контрола или чекирање, мора да се држи отстојание од 1,5 метар.

За да може да се држи неопходна дистанца, аеродромите и авиокомпаниите треба да го означат местото за чекање, а би требало да се отворат и дополнителни шалтери за чекирање и да се блокираат места за седење во аеродромските згради.

Оние кои времето на чекање сакаат да го скратат со јадење или пиење, треба да знаат дека не сите рестирани и кафулиња на аеродромите се отворени повторно. Сепак, храна и пијалоци, наспроти обврската за носење маски, се дозволени.

Deutschland Düsseldorf Coronavirus
Забрането седење на половина од столовите во аеродромот во ДиселдорфФотографија: DW/D. Dragojevic

Има ли здравствени прегледи на аеродромите?

Во моментов употребата на термографски камери и мерењето на телесна температура не е обврска на германските аеродроми. Доколку стигне официјално барање за здравствена контрола, аеродромите се подготвени, се вели од Сојузот на германски аеродроми, АДВ.

Луфтханза, освен тоа, сака на патниците да им понуди тестирање за коронавирус пред полетувањето. Според информации на магазинот „Шпигел“, компанијата има намера уште во текот на овој месец или најдоцна до почетокот на јули да ја нуди оваа услуга на аеродромите во Франкфурт и Минхен. Резултатите од тестот би се добила во рок од четири часа. Според портпарол на Луфтханза, понудата би била насочена пред се’ кон гостите кои заминуваат во земји кои бараат корона-тест за влез.

Symbolbild- Lufthansa
Луфтханза сака на патниците да им нуди корона-тестирањеФотографија: Imago/J. Halisch

Колкава е опасноста од зараза во авионот?

Многу мала. Така барем тврдат авиокомпаниите и производителот на авиони Ербас. Причина: воздухот во кабината циркулира од долу нагоре. Со тоа, капките од дишењето се туркаат надолу и не летаат во лицето на соседот. „Веројатноста за пренос на инфекцијата преку воздушните струи во авионот е исто толку мала како и во сала за операции во некоја германска клиника“, пишува авиокомпанијата Кондор на својата веб-страница.

Вирологот Јонас Шмит-Ханазит смета дека ваквата споредба не е соодветна. Во интеврју за Дојчландфунк раководителот на институтот за тропска медицина „Бернард Нохт“ вели: „Во сала за операции вообичаено сте сами на масата за операции со неколку лекари околу вас.“ Во авионот работите се поинакви: „Тоа мора искрено да се признае.“

Дури и ако воздухот се филтрира темелно, не постои патување без ризик, вели вирологот. Колку е подолг летот, толку е поголема опасноста од зараза.

Symbolbild I Corona I Boarding im Flugzeug
Дистанца од 1,5 метар не им следува задолжително на патниците во авионотФотографија: picture-alliance/S. Di Nolfi

Ќе се оставаат ли празни седишта за да се зголеми дистанцата?

Во изминатите месеци веројатно секој научи едно нешто - колку е поголемо растојанието помеѓу две лица, толку е помала опасноста од пренос на коронавирусот. Затоа дел од експертите бараат средните седишта или цели редови со седишта во авионите да бидат оставени празни.

Тоа го препорачува и ЕУ-управата за безбедност во сообраќајот. Но, авиокомпаниите мора да се држат до тоа само ако оптовареноста на летот тоа го дозволува. Што значи, патниците немаат право на празно седиште до себе и дистанцата од најмалку 1,5 метар не може секогаш да биде обезбедена.

Експертот за летање Дитер Шолц од Хамбуршкиот универзитет за применети науки затоа предупредува дека ризиците во време на корона-кризата не смеат да се потценуваат. „Летањето за време на пандемијата би можело да доведе до втор бран инфекција, а заразата на тој начин би се проширила и многу побрзо низ светот отколку на почетокот на пандемијата.“

Доколку патувањето со авион не може да се избегне, Шолц препорачува да се резервира место за седење до прозорец во последниот ред од авионот. Освен тоа, патниците за време на патувањето не треба да шетаат во авионот и, доколку е можно, треба да носат маски со филтри.