1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пронајден скелетот на кралот Ричард Трети

Б. Георгиевски/ртр/ап4 февруари 2013

Британски научници потврдија дека скелетот пронајден во градот Лејчестер навистина му припаѓал на контроверзниот британски монарх, кој бил убиен во 15. век

https://p.dw.com/p/17XaX
Фотографија: University of Leicester

Научниците во Британија тврдат дека ја решиле мистеријата стара 500 години, поврзана со смртта на кралот Ричард Трети. По едногодишно истражување денеска беше потврдено дека скелетот пронајден под гаража за автомобили, во градот Лејчестер, му припаѓал на убиениот монарх.

Ричард Трети, опишан во делата на Вилијам Шекспир како монструозен тиранин кој ги убил своите внуци за да стигне до тронот, бил убиен од неговиот наследник Хенри Тудор во битката на полето Босворт во централна Англија во 1485 година.

Тим од археолози и научници од Универзитетот во Лејчестер тврдат дека доказите укажуваат оти скелетот, кој бил пронајден минатата година при ископување на заборавен средновековен манастир под автомобилски паркинг во градот, навистина му припаѓал на Ричард.

Со векови локацијата каде што било закопано телото на Ричард била енигма. Записите велат дека тој бил погребан од францискански свештеници во нивната црква во Лејчестер, на околу 100 километри северно од Лондон. Црквата била затворена и уништена од кралот Хенри Осми во 1538 година, и нејзината локација била заборавена.

Ausgrabungen in Leicester
Ископувањата беа направени под гаража за автомобилиФотографија: University of Leicester

Ричард Трети до денес останува контроверзна личност во британската историја. За некои бил херој, за други злосторник. Тој управувал со Англија од 1483 до 1485 година - во периодот на децениски битки за превласт, познати како Војни на Розите. Во неговото кратко владеење се случиле либерални реформи, вклучително и правото на кауција, и укинувањето на забраната за книги и печатење.

Противниците на неговото владеење го предизвикале и тој бил поразен во битка од Хенри Тудор, кој подоцна ќе седне на престолот како крал Хенри Шести. На скелетот кој бил пронајден имало траги од удар врз черепот и јасни знаци дека лицето настрадало во борба. По убиството, телото на Ричард Трети било парадирано голо и крваво низ улиците на градот, пред да биде погребан. Научниците изјавија дека на остатоците пронашле десет рани, осум на черепот и две на телото.

За да се утврди идентитетот на Ричард, научниците земале ДНК примероци од лице од Лондон кое се смета за 17. правнук на постарата сестра на монархот.