1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

100310 Biden Ramallah

11 март 2010

По најавата на израелската влада дека ќе одобри градење нови 1.600 станови во Источен Ерусалим, претседателот на Палестинците Махмуд Абас ја информираше Арапската лига дека нема да учествува во преговорите.

https://p.dw.com/p/MPQQ
Џо Бајден и Махмуд Абас во РамалаФотографија: AP

Најавата на израелската влада дека ќе гради нови станови на палестинските подрачја се чини ги зближи Палестинците и американската администрација. Заменик претседателот Џо Бајден дури заштитнички го прегрна палестинскиот премиер Салам Фајад на вчерашната прес-конференција во Рамала. И на разговорите со претседателот Махмуд Абас немаше никакви разлики во ставовите: „Одлуката на израелската влада да ги поддржи плановите за изградба нови станови во Источен Ерусалим ја поткопа довербата, што токму сега ни‘ беше неопходна за да почнеме преговори. Затоа веднаш ја осудив оваа најава“, порача Џо Бајден во Рамала.

Веста излегла ненамерно?

Најавата доведе до недоразбирања меѓу високиот гостин од Вашингтон и израелскиот премиер Бенјамин Натанјаху на средбата претходниот ден, во Ерусалим. Во меѓувреме, министерот за внатрешни работи Ели Јишаи се извини за најавата која наводно ненамерно излегла во јавноста токму на денот кога во Ерусалим требаше да допатува Џо Бајден.

Joseph Biden und Benjamin Netanyahu Flash-Galerie
Најавата за нови станови доведе до недоразбирања меѓу високиот гостин од Вашингтон и израелскиот премиер Бенјамин Натанјаху на средбата во ЕрусалимФотографија: AP

Претставници на палестинската власт и на Арапската лига веднаш ги прекинаа индиректните мировни преговори, што требаше да се одвиваат со американско посредување. Претседателот на Арапската лига, Амр Муса, соопшти дека палестинскиот претседател Махмуд Абас во телефонски разговор му соопштил оти нема да учествува во планираните разговори. И надлежниот комитет на Арапската лига, по итната седница на амбасадорите во Каиро, порача дека преговорите со Израел се бесмислени додека не го сопре натамошното градење станови на палестинските автономни подрачја. Засега нема изјава од израелската влада, со која би се повлекла најавата за новите станови.

Проблеми во израелската влада

Затоа, пак, пристигнуваат информации за турбуленции внатре во израелскиот владин кабинет поради најавата на министерот за внатрешни работи Ели Јишаи за градење нови станови. Лидерот на Лабуристичката партија и министер за одбрана, Ехуд Барак дури најави дека е можно да се повлече од владината коалиција. Неговото министерство вчера остро протестираше против одлуката на колегата од министерството за внатрешни работи кој и’ припаѓа на ултра-ортодоксната Шаас партија.

Автор: Себастијан Енгелбрехт / Горан Чутаноски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска