1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пропалестинските активисти повторно на пат кон Газа

3 ноември 2011

Повторно една меѓународна флотила од пропалестински активисти има намера да ја пробие израелската поморска блокада на Појасот Газа. Израелската морнарица ги предупреди активистите да избегнат провокации.

https://p.dw.com/p/134JW
Претходната флотила што се обидуваше да ја пробие поморската блокада на Појасот ГазаФотографија: picture alliance/dpa

Двата брода со вкупно 27 пропалестински активисти меѓу другите од Ирска, Австралија и САД отпловија од Турција. Бродовите се натоварени со медицинска помош и би требало да пристигнат во Појасот Газа во рок од 48 часа, соопшти пропалестинската група „Фри Газа“.

Израел нема да и’ дозволи на флотилата од пропалестински активисти, која денеска отплови од Турција, да стигне до својата дестинација - појасот Газа, изјави израелски владин функционер.

„Нема да им биде дозволено да ја прекршат блокадата“, изјави претставникот на израелската влада.

Тој не прецизира какви мерки ќе бидат преземени за да се запрат двата брода, но потврди дека Израел знае дека тие се насочуваат кон брегот на Газа.

Израелските власти меѓутоа нагласија дека сакаат да им дадат можност на активистите на бродовите нивната медицинска помош да ја истоварат во израелскиот пристанишен град Ашдод.

Израел во 2007 година воспостави блокада на Појасот Газа, откако радикалната група Хамас ја презеде контролата врз појасот. Израел дозволува доставување хуманитарна помош за Појасот по копно, каде Газа има заедничка граница со Египет.

Автор:СН/ГЧ/ртр/афп/миа

Редактор: Борис Георгиевски