1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Простување од граѓанинот на светот - Вацлав Хавел

23 декември 2011

Светот се поклонува пред големиот Чех - Вацлав Хавел. Во Прага денеска се одржа комеморација за поранешниот чешки претседател, на која присуствуваа и многу светски државници.

https://p.dw.com/p/13YSl
Посмртните останки на Вацлав Хавел во катедралата во ПрагаФотографија: AP

Илјада присутни во катедралата во Прага се простија од поранешниот чешки претседател Вацлав Хавел. Меѓу нив беа и голем број светски државници, како американската министерка за надворешни работи Хилари Клинтон, германскиот претседател Кристијан Вулф и македонскиот претседател Ѓорге Иванов. На погребот присуствуваше и иконата на борбата против комунизмот во Полска, Лех Валенса. Пред ковчегот на Хавел, покриен со чешкото национално знаме, се поклонија сите. Комеморацијата беше пренесувана и преку големи екрани пред Прашкиот дворец, каде беа собрани голем број граѓани. Од смртта на поранешниот претседател во неделата (18.12) граѓаните полагаат цвеќиња и палат свеќи на историските места во Прага, меѓу нив и споменикот на таканаречената Кадифена револуција од 1989-та година.

Tschechien Trauerfeier für Expräsident Vaclav Havel in Prag
На комеморацијата присуствуваа голем број светски државнициФотографија: AP

Дисидентот, есеистот и драматург, Вацлав Хавел е икона на пресвртот во Чехословачка и Источна Европа. Тој беше последниот претседател на поранешна Чехословачка, кој ја надгледуваше поделбата на неговата земја во 1993-та на Чешка и Словачка и како прв претседател на самостојна Чешка ја водеше во главните текови на европската политика. Се залагаше за изградба на граѓанско општество засновано на чесност и хуманост и целиот живот остана поборник за човекови права и за демократија во земји како Куба, Русија, Кина и Белорусија.

Телото на Хавел, кој на 75-годишна возраст почина на 18 декември, ќе биде кремирано, а погребот на урната, според желбата на неговото семејство, ќе се изврши по божиќните празници во тесен круг на семејството и пријателите.

Автор: ЕМФ/дпа/дапд/миа

Редактор: Ж. Ацеска