1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Протеран руски дипломат од С. Македонија 

ДТЗ
18 мај 2021

Тој има рок во наредните седум дена да ја напушти земјата, соопшти македонското МНР, а потврди и претседателот Стево Пендаровски. Русија најавува реципрочни мерки.

https://p.dw.com/p/3tZVU
Mazedonien Außenministerium
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Руски дипломат кој е прогласен за персона нон грата во Северна Македонија има рок од седум дена за да ја напушти земјата. За случајот извести македонското Министерство за надворешни работи, а го потврди и претседателот Стево Пендаровски, кој вели дека станува збор за документиран случај, а не за импровизација. Од Амбасадата на Руската Федерација во Скопје потврдуваат дека македонските власти прогласиле вработен во амбасадата за персона нон грата. Во изјавата за МКД.мк од руската амбасада велат дека Русија разгледува преземање реципрочни мерки. 

-повеќе на темата: Германија протера руски дипломати поради убиство во Берлин

„Министерството за надворешни работи, согласно член 9 од Виенската конвенција за дипломатски односи, одлучи да прогласи еден дипломат на Амбасадата на Руската Федерација за непожелна личност во Република Северна Македонија“, соопшти МНР.
Одлуката е донесена откако на 14 мај, во просториите на Министерството за надворешни работи бил повикан амбасадорот на Руската Федерација, при што му била врачена нота со која се наложува посочениот дипломат да ја напушти македонската територија во рок од седум дена.

-повеќе на темата: Протерани четворица руски дипломати од Канада

Претседателот Стево Пендаровски вели дека за случајот бил информиран од пред неколку дена, како и другите надлежни органи. „Од она што го видов, случајот беше од надлежните институции документиран, значи не стануваше збор за импровизација, меѓутоа поради природата на работата не можам понатаму да коментирам“, изјави Пендаровски.

Во врска со дадениот рок од седум дена за напуштање на државата, Пендаровски додава дека се водело сметка и за човечкиот аспект, а не само за дипломатската конвенција.

„Се водеше сметка да не биде тоа преку ноќ, тие луѓе имаат семејства, имаат други интереси, не е хумано да постапуваме на таков начин“, додаде претседателот.