1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Протести и покрај вонредната состојба во делови на Египет

Јирген Штријак/ Александра Трајковска29 јануари 2013

Во текот на ноќта кон вторникот во Египет повторно се одржаа протести против претседателот Мохамед Мурси и покрај вонредната состојба во некои делови на земјата.

https://p.dw.com/p/17TGC
Фотографија: Getty Images

Недалеку од плоштадот Тахрир веќе два дена се водат улични борби. Млади мажи фрлаат камења и молотови коктели. Полицијата од своја страна употреби солзавец. Вчера и во текот на ноќта борбите се заострија, откако претходно претседателот Мохамед Мурси во неделата во своето телевизиско обраќање се закани дека ќе преземе засилени мерки против предизвикувачите на немирите. Според очевидци полицијата истрелала и гумени куршуми против противниците на Мурси.

Преку телевизијата Мурси и понуди разговори на опозицијата. Националниот фронт за спас, сојуз од секуларни, либерални и левичарски сили ја одби понудата и постави услови.

„Претседателот Мурси прво мора да му докаже на египетскиот народ, дека дијалогот сериозно го сфаќа. Тоа во прва линија значи дека ја презема политичката одговорност за крвопролевањето“, побара Хамдин Сабахи, еден од водачите на сојузот.

Меѓутоа ова е неверојатно дека ќе се случи. Мурси и Муслиманското братство во протестите од изминатите денови, кои делумно беа и насилни, гледаат повеќе криминален чин. Есам Ел Ериан, вицепретседател на партијата на Братството: „Претседателот само го спроведува тоа што народот го очекува од него. Ние очекуваме Мурси да ги игнорира политичките караници на опозицијата. Секој кој спроведува насилство, ќе го почувствува законот. Никој не стои над законот, без оглед на политичката определба“.

Ägypten Proteste Kairo
Фотографија: Mohammed Abed/AFP/Getty images

Египет е длабоко поделен. Мурси и исламистите се на една страна, опозицијата на друга. Двете страни имаат голем број поддржувачи. Во меѓувреме се формираше и трет сегмент - оние кои се гневни на владата на Мурси и Муслиманското братство, но ја сметаат опозицијата за преслаба, премногу раскарана и премногу оддалечена од потребите на луѓето, за да може да го сопре Братството. Нивниот гнев во последните денови се истури неконотрлирано. Околу 50 објекти на властите и Муслиманското братство биле опустошени или запалени.

Во градот Суец, како и во други две провинции е воведена вонредна состојба и ноќен полициски час. Но и тука поделбата на општеството е видлива. Еден минувач вели: „Се надеваме на стабилност на земјата. Господ нека го благослови претседателот Мурси. Тој донесе добри одлуки и има право за тоа“.

Меѓутоа еден друг минувач ги отфрла одлуките на Мурси: „Тие ги уништуваат нашите животни потреби. Вонредната состојба е катастрофа за градот. Доколку Мурси повторно се кандидира во никој случај нема да гласам за него“.

Мурси меѓутоа се’ уште е демократски избран претседател. Во Александрија до длабоко во ноќта протестираа илјадници граѓани кои не сакаат да го прифатат тоа и ги блокираа шините на една железничка сатница. Исто така и во Исмаилија, Суец и Порт Саид илјадници демонстрираа и покрај забраната за излегување.