1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Протести од сите страни за владеењето на Орбан

4 јануари 2012

И покрај силниот меѓународен притисок, премиерот Виктор Орбан беше неприкосновен на домашен терен. Така беше се’ до бранот протести во Унгарија на почетокот на неделава

https://p.dw.com/p/13dur
Фотографија: REUTERS

Контроверзните промени во уставот кои ги изгласаа пратениците на владејачката Фидеш на Виктор Орбан по се’ изгледа ја прелееја чашата на незадоволството.

Избрана пред 18 месеци со огромни мнозинство, партијата на Орбан се обидува да преземе порадикални промени. Опозицијата е релативно безгласна и немоќна да и‘ парира на владата.

„Фидеш не доби мандат за систематски да ги растура демократијата и сите демократски институции, да ја гради сопствената моќ и практично да ја води земјата кон диктатура“, вели Тимеа Шабо, претставник на опозициската ЛМП, за Дојче веле.

Уривање на демократските принципи

Proteste Ungarn Opposition
Протести на унгарската опозицијаФотографија: dapd

Но, оние кои ја бранат владата имаат други аргументи. Шандор Вида е новинар во Будимпешта. Тој смета дека е нормално тоа што Орбан се обидува да го искористи огромното мнозинство кое го ужива во парламентот за да спроведе радикални реформи.

„Имаме демократија веќе 20 години, но ништо навистина не се промени по заминувањето на Советите. Затоа треба да најдеме начин да мрднеме од место. Сега владата се обидува да стори нешто поинакво, нешто ново. Тоа недостасуваше досега“.

Десетици илјади луѓе протестираат во центарот на Будимпешта во понеделникот, во исто време кога Орбан и неговите сојузници го прославуваа донесувањето на новиот Устав.

Критичарите велат дека уставот ги урива основите принципи на поделбата на власта во земјата. Усвоената легислатива предизвика сериозни критики и од ЕУ и САД.

Демонстрантите се жалат и дека промените водат кон ерозија на демократијата и на економската состојба во земјата.

„Овие протести не се само поради уставот, туку и поради сето она што се случува во последните 18 месеци откако Орбан ја презеде власта“, вели Шабо.

Загрозени стандарди

Со уставните измени се менуваат некои членови кои обезбедуваа основни демократски права по падот на комунизмот во 1989 година. Владата тврди дека промените ја заокружуваат транзицијата од комунизам кон демократија. Критичарите пак велат дека со нив и се даваат огромни права на владејачката партија и се воведува конзервативен поглед светоглед.

Viktor Orban
Виктор ОрбанФотографија: picture alliance / dpa

Освен намалениот број пратеници во парламентот, со уставните измени се намалуваат и независноста на Уставниот суд, како и на Централната банка.

Амнести интернешнл искажа загриженост дека новиот устав ги загрозува меѓународните и европските стандарди за човекови права. Со него е отворен простор за забрана на абортусот, а не се предвидува ниту заштита од дискриминација на сексуалните и другите малцинства.

Автор: Јоана Импеј/Борис Георгиевски

Редактор: Ж. Ацеска