1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Протест со вратоврски против Харадинај

ЖА /ДВ
27 декември 2017

Медиумите на германски јазик пишуваат за две теми од Косово: за протестот со вратоврски поради астрономската плата на Харадинај, и за шпекулациите кој сѐ би можел да биде обвинет за злосторствата на ОВК.

https://p.dw.com/p/2pz1C
Kosovo Krawattenprotest in Pristina
Фотографија: Getty Images/AFP/A. Nimani

„Стотици луѓе на оградата пред седиштето на косовската влада во Приштина обесија вратоврски“, пренесе германското радио Дојчландфунк. „Оваа акција претставува протест против одлуката на косовскиот премиер Рамуш Харадинај - двојно да ја зголеми својата плата. Тој го образложи покачувањето со задолжителниот dres-kod и во едно интервју изјави дека мора да биде на висина на својата одговорност. 'Морам да носам вратоврска, не можам да одам наоколу било како, морам да имам кошула.' Шефот на владата на Косово како еден од првите потези при стапувањето на функцијата си ја зголеми платата од 1.500 на 3.000 евра месечно. Косово е една од најсиромашните држави во Европа, стапката на невработеност изнесува 30 проценти“, пренесува Дојчландфунк.

Точниот износ на платата всушност бил 1.300 евра, а сега е 2.950 евра, со што, како што пренесува порталот Еуроњус на германски, Харадинај стана најдобро пплатениот премиер во регионот. Еди Рама заработува 1.700 евра, Ана Брнабиќ околу 1.000 евра. Протестот со вратоврски во Приштина е во организација на американската невладина организација Beyond the Walls. „Многуте вратоврски собрани со акцијата преку интернет би требало да обезбедат Харадинај некако да се скрпи за новата година“, додава порталот.

UCK-Kämpfer 1999 ARCHIV
Бивши членови на ОВК ќе се најдат на обвинителна клупаФотографија: picture-alliance/dpa/B. Slatensek

Земјотрес поради обвиненијата

Околу 60 бивши косовско-албански бунтовници би требало да бидат обвинети за воени злосторства пред новиот меѓународен суд во Хаг. Информацијата ја објави приштинскиот реномиран информативен портал Инсајдер, повикувајќи се на извори во новооснованиот Специјален суд за Косово во Ден Хаг. По засега неуспешниот обид на парламентот да го спречи Судот, претседателот Хашим Тачи ја критикуваше новата правосудна институција како 'историска неправда против Косово'“, пишува германската новинска агенција ДПА.

Нејзиниот дописник од Белград, Томас Брај, наведува дека се споменуваат како можни обвиненија против претседателот Тачи, претседателот на Парламентот, Кадри Весели, но и други водечки политичари кои се товарат за извршени злосторства над Србите. Во првиот бран обвиненија во февруари би можел да се најде бившиот водач на ОВК, Азем Суља, братот на косовскиот премиер, Даут Харадинај, како и Шукри Буја и Сокол Добруна. „Ваквите обвиненија до темел ќе ја протресат ионака кревката политичка структура на Косово“, коментира Брај.