1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Противречни информации околу апсењето на Гадафи

20 октомври 2011

Арапската ТВ станица, повикувајќи се на претставник на Преодниот совет, јавува дека поранешниот властодржев Моамер ел Гадафи им паднал во рацете на востаничките сили. ТВ станица лојална на Гадафи ја демантира веста.

https://p.dw.com/p/12vr1
Полковникот Моамер ел ГадафиФотографија: AP / United Nations

Гадафи бил откриен во завршницата на борбите што се недели се водат околу неговиот роден град Сирт. Денеска востаниците дефинитивно го скршија отпорот на силите лојални на Гадафи и го ослободија градот, при што колона возила се обидела да го напушти. Во престрелката „лидерот на револуцијата“, полковникот Моамер ел Гадафи бил ранет во нозете.

Мохамед Леит, еден од командантите на Преодниот совет, за новинската агенција АФП изјави дека лично го видел Гадафи. „Тој е тешко повреден, но уште дише“, изјави Леит и додаде дека Гадафи носел униформа и турбан на главата.

Засега нема потврда од независен извор на информациите за апсењето на Гадафи. Доколку бидат потврдени, тогаш со неговото апсење и паѓањето на последниот град што пружаше отпор, дефинитивно ќе биде завршена ерата на Гадафи во Либија.

Во борбите околу Сирт загинал и поранешниот министер за одбрана на Гадафи, Абу Бакер Јунис Џабир, соопшти лекарски извор.

Автор: ГЧ/ЖА/дпа/афп

Редактор: Жана Ацеска