1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Против Велс за престиж

Златко Калински6 септември 2013

Денеска продолжуваат квалификациите за Светското фудбалско првенство. Македонија на Филип Втори Арената ќе игра против репрезентацијата на Велс. Ова ќе биде прв меѓусебен натпревар на двете селекции.

https://p.dw.com/p/19csd
Фотографија: Petr Stojanovski

Многу рано Светското првенство во Бразил остана сон за двете репрезентации. Македонија и Велс од позиции во квалификационата група, кои се далеку од врвот, во првиот свој меѓусебен судир истрчуваат со поинакви мотиви. Ќе бидат водени од желбата за резултатски престиж! Горан Пандев, лидерот на македонската репрезентација со респект зборува за тимот на Велс:

„Се работи за добра репрезентација и не очекува тежок натпревар. Ние сме подготвени,ќе се обидеме да наметнеме наш стил на игра и мислам дека можеме да победиме.“

Велс е тим за респект

Македонија од последното место во групата со само 4 освоени бодови досега, влегува во дуелот со Велс:

„Велс можеби не е тим со големо име, но мора да се почитува. Се работи за квалитетен состав. Се обидовме во овие неколку подготвителни тренинзи да ги отстраниме слабостите во играта што ги имавме во неодманешниот тест- натпревар против Бугарија.Задоволен сум од досега сработеното.“- вели македонскиот селектор Чедомир Јаневски.

Три пати Република Ирска, два пати Англија, еднаш Шкотска досега гостувале во Скопје. Селекциите од Островот секогаш предизвикувале голем интерес во јавноста и биле многу инспиративни за македонската репрезентација. Пандев очекува таков натпревар и денеска:

Cedomir Janevski neuer Trainer Mazedonien
Чедомир ЈаневскиФотографија: Petr Stojanovski

„Играат отворен фудбал, играат офанзивно. Имаат начин на играње, кој ни е добро познат. Ќе се надигруваме во сите 90 минути. За нас е исклучително важно да ги освоиме бодовите и да се обидеме во претстојните мечеви да го подобриме пласманот во квалификационата група.“

Селекторот на Велс си го заборави пасошот

Герет Бејл, најскапиот фудбалер на планетата, новата ѕвезда на Реал Мадрид, најспоменуваното име во летниот преоден рок допатува во Скопје. Тој е една од неодминливите теми пред натпреварот. Дали ќе игра, колку ќе игра...се подготвува ли посебна стратегија за него? Македонскиот селектор Чедомир Јаневски вели дека не се оптоварува премногу со Герет Бејл:

„Не размислувам премногу за Бејл. Не мислам дека ако не игра тој, репрезентацијата на Велс ќе биде послаба, ниту ако тој игра дека ќе биде посилна. Ние сме фокусирани на нашата игра. Знаеме дека ако игра Бејл, не смееме да му дозволиме голема слобода на теренот, дека ќе мораме навреме да го блокираме бидејќи тој е многу опасен ако непречено дојде на 30-тина метри од нашиот гол. Конечно, свесни сме дека ако игра некој друг на негово место, сигурно има слични играчки карактеристики и квалитети.“

Gareth Bale in London 12.05.2013
Герет БејлФотографија: Adrian Dennis/AFP/Getty Images

Јаневски доследен на своите принципи не ги открива своите дилеми и определби околу тимот, кој ќе го започне денешниот натпревар. Таква информација не можеше да се добие ниту од велшкиот селектор Крис Колман, но од тривијални причини! Тој не допатува во Скопје со останатиот дел од експедицијата, а причината е пасошот, кој го заборавил дома!

Натпреварот на Филип Втори Арената меѓу Македонија и Велс од квалификациите за Светското првенство ќе го води судиска тројка од Швајцарија на чело со Саша Кевер. Почетокот е во 19 часот.