1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Професија опасна по живот - новинарите на мета

Наоми Конрад / Жана Ацеска20 април 2013

Професијата воен репортер е опасна. Тоа е добро познато секаде во светот. Сепак, бројни млади и неискусни новинари заминуваат на воените жаришта, каде нема сигурност ниту за оние искусните.

https://p.dw.com/p/18Aja
Фотографија: picture-alliance/dpa

Дискусиите на интернет-форумите за новинари кои работат или сакаат да работат во кризните подрачја со години се се‘ поинтензивни. Едни се во потрага по контакти, други бараат панцирни кошули, а трети поволно сместување - во Алепо, Могадишу или каде било каде моментно владе вооружен судир. Некои, пак, размислуваат толку долгорочно, што се распрашуваат за животно осигурување.

Новинарите на мета

Грижите на новинарите во кризните жаришта не се без причина. Како што покажа неодамна и примерот на репортерот на германската јавна телевизија АРД, Јерг Армбрустер, кој беше тешко ранет во судирите во сирискиот град Алепо. Според очевидците, возилото во кое бил тој било целно нападнато од снајперисти. Настанот многу потсетува на трагичната смрт на колегата на Армбрустер и првиот новинар кој загина во воените судири во Хрватска, Егон Скотланд. Овој новинар загина во 1991 година во близина на Сисак. И на неговото јасно означено возило бил отворен снајперски оган. Неколку дена подоцна на ист начин во Хрватска, во Костајница, беше убиен и снимателот на ХТВ Гордан Ледерер.

Syrien Flüchtlinge
Сирија, опасно место за новинаритеФотографија: picture-alliance/dpa

„На многумина господари на војната и нивните следбеници новинарите им се трн в око зашто не ја шират за нив погодната пропаганда, туку вистината“, вели Улрике Груска од организацијата „Репортери без граници“. Јерг Арбрустер имаше повеќе среќа отколку неговиот колега Скотланд или, пак, новинарот на „Штерн“ Габриел Гринер кој загина во 1999 година на Косово, а свеж е и примерот со смртта на познатата американска репортерка Мари Калвин во Сирија, убиена на почетокот на минатата година. Само оваа година, според проценката на новинарските здруженија, животот низ светот го загубиле 13 новинари. Ако кон бројката се додадат и авторите на блогови, таа е многу поголема. Само во Сирија, која во меѓувреме ја нерекуваат „новинарска гробница“, годинава загинаа 24 блогери.

Porträt Jörg Armbruster
Јерг АрмбрустерФотографија: picture-alliance/dpa

Неискуството зема данок

Без оглед на овие застрашувачки бројки, младите новинари горат од желба да известуваат од воените жаришта. Многумина се обраќаат во организацијата „Репортери без граници“, од каде велат дека млади луѓе во потрага по отскочна штица во кариерата влегуваат во нешто за што всушност не се подготвени.

„Многумина се почетници кои навистина немаат што да бараат во подрачјата каде се води борба“, вели новинарот Карстен Стромер.

Тој во Сирија наишол на бројни млади колеги целосно неподготвени за престој во воено подрачје:

„Тоа беа млади кои не знаеја ниту англиски ниту арапски јазик, кои не познаваа никого во местото. Со својата неподготвеност тие не се доведуваат во непотребна опасност само себеси, туку и другите околу себе“, вели искусниот воен репортер Стромер. Тој притоа порачува: ниту една воена репортажа не вреди за самоубиствените потези. Искусните новинари, освен мрежата на локални помагачи, располагаат и со опрема како панцирна облека, кациги и посебни уреди со кои можат да бидат пронајдени во случај на киднапирање. Исто така на лице место го исклучуваат мобилниот телефон, преку кој потенцијалните киднапери лесно можат да ги најдат своите жртви.

Egon Scotland
Егон Скотланд - убијците до денес не се казнетиФотографија: AP

Нема стопроцентна сигурност

И ОН издадоа прирачник за новинари во кој можат да се најдат совети како овој: ако ве погоди снајперист, останете да лежите, преправајте се како да сте мртви.

Сериозните медиуми своите новинари ги испраќаат на специјална воена обука каде, на пример, можат да научат како да препознаат од кој правец доаѓа истрел или избегнување на сокриени мини. Минатата година екипа на германската телевизија АРД беше нападната во Кина, по што раководството на телевизијата сите свои новинари во Кина ги испрати на посебна обука за самоодбрана во Бундесверот. Но, некогаш не помага ни најдобра обука, ни најдобри контакти, како ниту фактот дека зад новинарот стои една од најдобрите телевизиски станици во светот. Јерг Арбрустер е искусен воен репортер зад кого стоеше најдобрата можна логистика. Исто како и зад Мари Калм, која работеше за БиБиСи.

„Нешто како стопроцентна сигурност не постои“, заклучува Улрике Груска.