1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Наука

Димова: Да ја искористиме нашата флуидност како предност

Теодора Лазарова
13 декември 2021

Ние во светот- серијал за успешните иселеници од Северна Македонија во светот.

https://p.dw.com/p/434Vp

Розита Димова е професор по социјална антропологија. Таа е првата Македонка која што има докторирано на Стенфорд Универзитетот во САД на одделот за антропологија. Универзитетот Стенфорд доаѓа по нејзиното претходно завршување на студиите по етнологија на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ а потоа магистерските студии на Кембриџ во Велика Британија. 

Димова е професор на Универзитетот во Гент во Белгија, а претходно има работено како истражувач на Универзитетот Хумболт во Берлин, Германија. 

Транзицијата на општеството, бегалските кризи во регионот, соседските афирмации кон Македонија, проектот „Скопје 2014“… се дел од темите во нејзините антрополошки истражувања и анализи поврзани со татковината. 

„Конфликтот на овие простори е неминовен. Утописки е да мислиме дека некогаш работите ќе бидат разрешени. Треба да го прифатиме конфликтот не само како пречка, туку како еден потенцијал и како капитал, можност општеството преку тој конфликт да најде начин на разбирање, на преговарање, на соживот“, вели професорката Димова.

Според неа Македонија треба да го извлече позитивното и тој момент на променливост, да го искористи во свое поголемо промовирање: 

„Мислам дека секогаш Македонија носела нешто поуникатно, нешто што не е чисто и кристално артикулирано и јасно дефинирано, што од секогаш било објект на страст од страна на соседите. Она што е флуидно, она што не може да се фиксира е многу привлечно. Така што мислам дека треба да го потенцираме тој позитивен, уникатен аспект кој не прави ова што сме. Мислам дека Македонија може повеќе да го препознае, промовира и да го извлече позитивното, практично тој аспект на флуидност да се искористи во наше промовирање*, потенција професор Димова. 

Иако Македонија и регионот се во фокусот на нејзините антрополошки истражувања, за жал освен две публикации нејзините дела не се преведени во земјата: 

,,Навистина е штета тоа што луѓето во нашата земја не можат сето тоа да го прочитаат и затоа една од активностите е во иднина, моите истражувања, моите анализи да бидат преведени и на македонски јазик*, вели Димова.