1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Профит за Минхен од финалето на Лигата на шампионите

Ернст Вебер/ Зоран Јордановски 19 мај 2012

Од организацијата на финалето во фудбалската Лига на шампионите и во машка, и во женска конкуренција (што се одржа во четвртокот), Минхен се надева на поени за имиџот, но очекува и финансиски профит.

https://p.dw.com/p/14ycJ
Фотографија: picture-alliance/dpa

Прво испуштена титула во првенството, а потоа и во купот на Германија - за Бајерн и неговите навивачи изминатите недели не беа пријатни. Сега сите надежи се врзуваат за финалето на Лигата на шампионите против англискиот претставник Челзи: дома, на сопствениот стадион во Минхен конечно мора со една титула - највредната - да се стави точка на сезоната. За раководството утешна варијанта е дека Лигата на шампионите е доходовен бизнис, дури и со пораз во финалето.

Баерн добро заработи, интересирањето е огромно

Експерти проценуваат дека заработувачката на Бајерн во оваа сезона во Лигата на шампионите ќе изнесува околу 60 милиони евра: 40-ина милиони од УЕФА како премија за резултатите и од маркетиншките приходи, на што треба да се додадат и околу 20 милиони приход од продажба на влезници. Оваа сума ќе биде во секој случај повисока - интересирањето на сопствените навивачи е толкаво, што според портпаролот на клубот Маркус Хервик, би можеле да бидат продадени милион влезници! За жал, иако се игра во неговиот стадион, клубот од УЕФА добива само 17. 500 влезници.

Минхен инвестира и очекува повеќекратна добивка

За голем дел од навивачите навистина ќе нема место на стадионот, но тоа не значи дека тие мораат да го гледаат натпреварот дома на телевизија. Градот организира во Олимпискиот парк голема забава за навивачите кои на стариот олимписки стадион во Минхен ќе можат заеднички да го следат преност од средбата. Тоа ќе го чини околу 300 илјади евра. За поставување нова трева на теренот, оти таму во четвртокот се играше финалето на женската Лига на шампионите, се потрошени 220 илјади. Потоа, градот мораше да закупи и рекламни паноа за потребите на УЕФА. Севкупно за обете финалиња советот на градот одобри 1,4 милиони евра.

Градоначалникот Кристијан Уде, кој, патем, е навивач на локалниот ривал Минхен 1860, смета дека е ова многу добра инвестиција и се повикува на економска студија, според која долгорочно во градот ќе се слеат многукратно повеќе средства. Студијата е од 2010 година, кога финалето на Лигата на шампионите се одигра во Мадрид, а експертите пресметале дека профитот на градот ќе изнесува околу 50 милиони евра. Но, мора да се знае и дека студијата е направена по налог на еден од најважните спонзори на УЕФА.

München vor dem Champions League Finale 2012
Минхен пред финалето на Лигата на шампионитеФотографија: picture-alliance/dpa

За задоцнетите сместување само под шатор

Колку и да се - или не се - сигурни таквите проценки, угостителите и трговците од Минхен, според Клаудија Хондрос од Баварското здружение на трговијата на мало, очекуваат силен скок на прометот и реклама што не може да се плати за баварскиот покраински главен град. Минхен ќе може на телевизиските екрани да им се претстави како атрактивен град на милиони луѓе ширум светот, вели Хондрос. На долг рок тоа треба позитивно да влијае врз туристичката посета. Хотелиерите веќе сега се задоволни, за нив финалето е голем успех - независно од тоа каков ќе биде резултатот: со недели наназад речиси сите капацитети се резервирани и покрај значително покачените цени. За оние кои се решија да дојдат во последен момент, останува само да се надеваат да најдат сместување некаде во околината на Минхен - или да понесат шатор. Барем во кампинзите во градот има доволно место!