270611 Kambodscha Prozess
27 јуни 2011Пред трибуналот за воени злосторства во Пном Пен одговараат поранешниот шеф на државата Кјо Сампан и главниот идеолог Ноун Чеа, како и двајца поранешни министри - за надворешни работи и за социјала. Четворицата обвинети, на возраст меѓу 79 и 85 години, се товарат за воени злосторства, злосторства против човештвото и геноцид извршени за време на владеењето на Црвените Кмери во Камбоџа, во периодот меѓу 1975 и 1979 година. Во тоа време, како последица на измачувања, глад, болести и убиства, загинаа околу два милиона луѓе, или една четвртина од вкупното население на тогашна Камбоџа. До четврток, судот треба да ги дефинира текот на процесот и листата со сведоци, а првите изјави на обвинетите се очекуваат најрано во август.
Нуон Чеа, поранешен заменик на диктаторот Пол Пот, денеска рече:
„Јас сум против овој процес и ќе го ополномоштам мојот адвокат да ги образложи причините.“
Пред судската сала во Пном Пен уште од рано изутрина се туркаа голем број луѓе кои сакаат да присуствуваат на овој, втор процес против одговорни луѓе од времето на режимот на Црвените Кмери. Меѓу нив беше и Ван Нат, поранешен затвореник, кој вели:
„Не мислев дека навистина високи функционери на Кмерите ќе се најдат пред суд, по повеќе од 30 години од сторените дела. Тие измачуваа и убиваа. Тоа што сега мора да одговараат за сторените дела е фантастично.“
Пол Пот и неговите приврзаници сакаа од Камбоџа да направат комунистичка држава на селаните. Систематски беа убивани интелектуалците и опозиционерите. Минатата година, на 30 години затвор беше осуден човекот кој давал наредби за измачувања, Канг Гек Еу, наречен Дуч.
Автор: ЕМФ/ СН/ дв/ ртр/ афп
Редактор: Александра Трајковска