1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Процут на неофашизмот во Италија

Кирстин Хаузен / Симе Недевски17 ноември 2013

Поради кризата, но и поради недостатокот од соочување со минатото, неофашистичките партии во Италија и денес се популарни и раширени. Разлика меѓу десницата и екстремната десница веќе и не постои.

https://p.dw.com/p/1AFMS
Фотографија: Getty Images

Пјацале Лорето во Милано, плоштад со кружен сообраќаен тек, во чие средиште се наоѓа мала зелена површина. Ова место наизглед не е ништо посебно, ниту убаво. Меѓутоа, овој плоштад им е добро познат на сите Италијанци. Тука имено припадниците на отпорот во Италија за време на Втората светска војна го обесија телото на дотогашниот диктатор Бенито Мусолини. Иако веќе е одамна мртов, Италијанците секогаш одново го избираат токму Мусолини за најголем италијански државник во историјата.

Но, Мусолини популарност не ужива само во неонацистичките кругови, туку и во конзервативните, односно меѓу сосема „обичните“ луѓе. Еден од нив е и Томазо Пини, трговец со зеленчук чија продавница се наоѓа токму на Пјацале Лорето. Тој е уверен дека Италија под фашистичкиот режим била безбедна земја со јасни закони и правила и оти такво нешто и денес би било добредојдено.

„Денес повеќе не се знае кој пие, а кој плаќа. На секој чекор некој ве загрозува или ви додева: просјаци, ситни крадци... Некогаш жените сосема безбедно можеа да излезат на улица“, вели Пини. Тој носи фармерки, спортска виндјакна, кожени чевли и модерни очила. Неговиот надворешен изглед не открива ништо по што би можело да се заклучи дека тој всушност дели исти ставови како насилниците, припадниците на радикалната, неонацистичка сцена.

Таму се каде државата потфрлила

„Тие прават многу добри нешта за семејствата со мали примања“, вели еден маж од соседството за членовите на еден неонацистички центар во Рим. Оваа установа официјално се води како место за средби и клутура без каква било идеолошка заднина.

Italien Parteien Gianni Alemanno
Поранешниот римски градоначалник Џани АлеманоФотографија: Getty Images

Но, во Рим е јавна тајна дека всушност станува збор за припадници на италијанскиот огранок на неонацистичката мрежа „Крв и чест“, со седиште во Велика Британија. Иако во јавноста тие се претставуваат како конзервативци и пријатели на семејството, посетата на нивнта интернет страница веднаш упатува на она што оваа мрежа навистина претстава. Таа повикува на „оддржување на расна чистота на италијанскиот народ“, на насилство кон странците, хомосексуалците и левичарите.

Но, во центарот на Рим тие нудат само различни слободни активности, бесплатно чување на деца. Со други зборови, тие нудат помош таму каде државата веќе одамна потфрлила. А, економската криза и осиромашувањето на италијанската средна класа само им помага уште повеќе. „Крв и чест“ како и сите други десно-радикални организации нудат многу едноставни решенија, кои најлесно се продаваат и прифаќаат.

Повеќе нема разлика меѓу десницата и радикалната десница

За разлика од „затскриената“ „Крв и чест“, многу други радикално десничарски организации и партии дејствуваат сосема отворено. На пример, членовите на „Новa силa“ (Forza Nuova), кои во меѓувреме ги има 2.500, воопшто не ги сoкриваат сопствените убедувања, туку напротив се обидуваат да ги прошират. Тие имаат широк круг на „пријатели и познаници“, контакти во самото средиште на италијанското граѓанско општество.

На пример, поранешниот римски градоначалник Џани Алемано е оженет со ќерката на еден многу истакнат неофашист. Нивниот син е лидер на едно радикално десничарско студентско движење. Со ваквите контакти и врски, радикалните групи уште во минатото не само што го ширеа своето влијание туку доаѓаa и до државни пари.

Со други зборови во Италија сѐ повеќе исчезнува границата меѓу десничарите и радикалната десница, а со тоа сѐ повеќе в десно се придвижува и политичкиот центар. Во тоа од голема помош беше и поранешниот премиер Силвио Берлускони, кој во една пригода за политиката на Мусолини рече дека „не била воопшто лоша“.

„Мусолини направи една грешка, а тоа е дека влезе во сојуз со националсоцијалистите од Германија, но тој стоrи и многу добри работи“, изјави Берлускони.

Нема соочување со минатото

Во Италија фашизмот беше на власт 20-тина години. Мусолини владееше од 1922 до 1943 година. Но, и покрај тоа, италијанското општество сѐ до денес се нема позанимавано со сопственото минато.

„Диктатурата на Бенито Мусолини, за чие време животот го загубија десетици илјади луѓе, и до ден денес честопати се означува како 'мека диктатура'“, вели швајцарскиот историчар Арам Матиоли, кои со години на назад го истражува италијанскиот фашизам.

Italien Parteien Alessandra Mussolini und Roberto Fiore von Forza Nuova
Алесандра Мусолини, лидер на Социјална акција заедно со Роберто Фиоре лидер на Нови силиФотографија: Getty Images

Билансот од неговите истражувања е застрашувачки. „Фашистичка Италија беше најблизок партнер на нацистичка Германија и е одговорна за најтешки злосторства. Но, Италија го избриша тоа од сеќавањето. Наместо тоа, во фокусот на историското сеќавање е ставен крајот на Втората светска војна, кога и самата Италија беше окупирана од страна на Германија и со тоа стана жртва“, вели Матиоли.

Но, фашистичките идеи не се исчезнати и денес. Уште во 1946 година во Италија е основана нова радикално десничарска партија - неофашистичкото Италијанско социјално движење (Movimento sociale italiano). Во 1955 година ова движење доживеа идеолошка промена и оттогаш наваму се нарекува Национален сојуз. Официјално се одвои од фашистичките идеали и со тоа успеа да влезе дури и во владата.

Меѓутоа многу членови не ја следеа оваа промена, па основаа мали десно-радикални партии. Една од нив беше и партијата Социјална акција (Azione sociale), на чие чело беше внуката на Бенито Мусолини, Алесандра Мусолини (на насловната фотографија). Оваа партија стана дел од партијата на Берлускони Народ за слобода и оттогаш наваму внуката на поранешниот диктатор е пратеничка на конзервативните сили во парламентот. Алесандра никогаш не порекнувала дека е горда на својот дедо, а што е особено занимливо, од неа досега во Италија сѐ уште никој не побарал да се дистанцира од фашистичките идеали.