1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Проширувањето на ЕУ нема да заврши се‘ додека не се приклучи и Западен Балкан

11 мај 2009

Во Скопје се одржа трибина под наслов „Од паѓањето на железната завеса во 1989 година до најголемото проширување на ЕУ во 2004“, организирана од мисијата на ЕУ во Македонија.

https://p.dw.com/p/HnpY
Фотографија: European Communities

Европската унија не е совршена. Таа е проект кој еволуира и кој постојано треба да се усовршува. Оваа максима од главната интернет страница на ЕУ во Брисел денеска (11.05.2009) беше водилката низ трибината, на која амбасадорите на земјите кои на ЕУ и‘ се приклучија во 2004 година, ја одржаа пред македонската политичка, новинарска и експертска јавност и на која ги искажаа сопствените искуства за ефектите од влегувањето во големото европско семејство, како врз нивните држави, така и врз граѓаните.

Евроамбасадорот во Македонија Ерван Фуере, како домаќин на средбата, истакна дека паѓањето на Берлинскиот ѕид значеше почеток на еден голем процес на обединување и помирување во Европа, низ кој минаа земјите кои излегоа од поранешниот советски блок: „Најголемата движечка слика за тој период беше настапот на познатиот руски челист Ростропович кој одржа концерт во близина на ѕидот и ја покажа силата на ЕУ“, истакна Фуере.

Комесарот за проширување на ЕУ, Оли Рен во видео пораката по повод Денот на Европа истакна дека со проширувањето на ЕУ во 2004 година дојде до помирувањето на источна и западна Европа и дека тој процес сега е фокусиран на Западен Балкан и Турција. Набројувајќи ги очекувањата од земјите кандидати или претенденти за влез, Рен за Македонија истакна дека е земја кандидат за членство која очекува датум за почеток на преговорите, а дека Хрватска со брзо надминување на спорот со Словенија, има најголеми шанси за скорешно придружување кон ЕУ.

EU Olli Rehn
Еврокомесарот Оли Рен на на трибината се обрати со видео-поракаФотографија: picture-alliance/dpa

Силните и слабите страни на приклучувањето кон ЕУ .

Според амбасадорот на Чешка во Македонија Јозеф Браун, Чешка по пет години во ЕУ е подобра и послободна држава. Во неа има драстично зголемување на бруто домашниот производ (за речиси 30% во последните пет години), поголема конкуренција, поголем пазар, инвестиции, што заедно со демократските стандарди кои се прифатија по паѓањето на Берлинскиот ѕид ја прават земјата важен европски играч. Слично е видувањето и на унгарскиот амбасадор Ференц Кекеши, кој оцени дека и Унгарија по приемот во ЕУ има само позитивни економски и политички показатели (800 милиони евра вложени во буџетот на ЕУ, а од европските фондови се добиени две милијарди евра). Но, оваа земја, веќе по пет години членство во ЕУ увидува и некои од слабостите на функционирањето на унијата, како што се дополнителните трошоци што од нив се бараат, како и социјалните програми на кои мора да одговорат во рамки на континуираните реформи. За Дриуш Карол Бачура, амбасадорот на Полска, со приклучувањето на 10-те земји од Европа во ЕУ во 2004 година, Унијата стана втората најголема структура во светот, по Кина, која сега многу полесно може да се справува и со економската криза и со енергетската криза, а и со политичките реформи. „Проширувањето на ЕУ нема да заврши се‘ додека сите земји од Европа не станат дел од оваа заедница, а меѓу нив секако ќе се најдат и земјите од Западен Балкан“, истакна амбасадорот Карол Бачура.


Автор. Сашко Димевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска