1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Проширувањето на ЕУ не е највисок приоритет на Вилнус

Марина Максимовиќ / Александра Трајковска5 јуни 2013

Литванија има отворени прашања со Србија, но нагласува дека тоа нема да влијае на објективноста кон Белград при претседателството со ЕУ. Вилнус укажува и на проблемите при евроинтеграцијата на Македонија, БиХ и Албанија.

https://p.dw.com/p/18js9
Фотографија: picture alliance / dpa

Литванците, кои и самите пред девет години, при т.н. „големо проширување“, пристапија кон ЕУ и кои на 1. јули годинава за првпат го преземаат ротирачкото претседателство со Унијата, велат дека се пријатели на политиката на проширување и дека донесуваат „свежа крв“ во семејството на европските земји.

Меѓу трите приоритети на идното претседателство, литванскиот амбасадор во ЕУ Раимундас Кароблис, на прво место ги стави финансиите и финансиската дисциплина, на второ - стопанскиот пораст и вработувањето, додека говорејќи за третиот приоритет, наречен „отворена Европа“, за односите на ЕУ со своите источни соседи, некогашните советски републики, речиси незабележано го спомена и продолжувањето на проширувањето.

Кароблис рече дека процесот на евроинтеграции до крајот на годината ќе зависи во голема мерка од јунските одлуки на Советот. На прашање на ДВ за литванската агенда за Западен Балкан тој зборуваше и за „специфичните односи“ на Вилнус и Белград. „Имавме билатерални прашања со Србија и се' уште ги имаме, но уверен сум дека тоа нема да влијае врз претседателството на ЕУ. Ќе работиме најдобро што можеме и ќе се водиме од објективни критериуми. На прво место е прашањето за односите меѓу Србија и Косово и доколку условите се исполнат, доколку договореното се примени, ќе бидеме среќни да тргнеме напред по овие прашања“, вели Кароблис.

Литванија уште во текот на расправата за кандидатскиот статус, наведуваат извори од Советот, од Србија барала забрзано спроведување на договорот меѓу Белград и Приштина, а во дипломатски кругови во Брисел се говореше и за „проблемите“ кои Вилнус ги има во поглед на „близината на Белград и Москва“. Наведени се и пропаднатите приватизации на „Азотара Панчево“ и „БИП“ - чии сопственици беа Литванци, како и местото на претседателот на Генералното собрание на ОН, кое и покрај долгогодишните амбиции на Литванија му припадна на поранешниот шеф на српската дипломатија Вук Јеремиќ. Дека овие прашања се' уште не се заборавени говори и фактот дека единствено Литванија не го ратификуваше Договорот за стабилизација и асоцијација со Србија. „Во овој момент Договорот за стабилизација и асоцијација со Србија се наоѓа во литванскиот парламент, во забрзана процедура и очекувам брза ратификација“, вели амбасадорот Кароблис за ДВ.

Прво претседателство со ЕУ

Кога станува збор за други земји во процесот на проширување, Литванија како нов претседавач со Европската унија нагласува дека токму периодот на нејзиниот мандат, втората половина од годинава ќе биде посветен на проширувањето. Во октомври ќе биде објавен новиот извештај на Европската комисија за проширувањето, а Литванија вели дека е подготвена да работи на конкретни прашања, како што е отворање на нови поглавја во преговорите со Турција и почеток на преговорите за Договорот за стабилизација и асоцијација со Косово.

Mazedonien EU Flaggen
Фотографија: AP

„За жал изгледа дека е многу тешко да се направи прогрес во Македонија каде ситуацијата навистина не е сјајна. Албанија исто така има внатрешни проблеми и го загуби почетниот залет на патот кон ЕУ. Ќе видиме што е можно да сториме со БиХ“, објаснува амбасадорот на Литванија во ЕУ. Вилнус очекува „некој прогрес“ кога е во прашање Исланд, наведувајќи ги своите симпатии за таа земја која прва ја призна независноста на Литванија, на почетокот на деведесеттите. Истовремено, Литванија вели дека е среќна што уште првиот ден ќе биде на чело на ЕУ со 28 членки.