1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Про и контра Јанукович - големи демонстрации во Киев

Роман Гончаренко / Александар Методијев16 декември 2013

Стотици илјади луѓе излегоа вчера (15.12.) на улиците во украинскиот главен град Киев. Тие го предупредија претседателот да не потпишува договори со Русија. Паралелно се одржуваат протести и на поддржувачите на Јанукович

https://p.dw.com/p/1AaGr
Ukraine Kiew Proteste
Фотографија: DW/L. Grischko

На околу 300 метри пред главниот влез во претседателската зграда во Киев украинската полиција вечера го ограничи пристапот со поставување метални огради. Стотина метри подалеку имаше друг полициски кордон. Претседателската палата и целиот кварт каде што се сместени владините институции оваа сабота беа како тврдина под опсада.

Причина за тоа беа обновените демонстрации на неговите противници на „Мајдан Несалешности“, Плоштадот на независноста. Тоа беше четвртиот неделен протест откако Јанукович на 21 ноември изненадувачки се повлече од подготвките за потпишување на Договорот за асоцијација со Европската унија. На вчерашниот протест повторно дојдоа сотици илјади луѓе.

Противници на претседателот од западна Украина

Многу демонстранти, како бизнисмен Михајло Корол, патуваа и по 600 километри за да дојдат на протест. „Моите пријатели и јас изнајмивме автобус и дојдовме на само еден ден“, објаснува бизнисменот за Дојче веле. „Ние сакаме Јанукович и неговата влада да паднат“, додава тој.

Ukraine McCain Rede Maidan 15.12.2013
Американска поддршка за демонстрантите - сенаторот Џон МекКејн фотографиран за време на неговиот вчерашен говор пред противниците на ЈануковичФотографија: Reuters

Многу од противниците на владата, кои со недели демонстрираат во Киев, доаѓаат од западот на Украина. Мнозинството таму сакаат приближување на земјата кон ЕУ. И на западот во земјата се случуваат протестни акции. „Ние нив (демонстрантите) ги снабдуваме со храна“, објаснува Корол, кој е сопственик на кафетерија и пекарница.

На протестите на Плоштадот на независноста во Киев демонстрантите се собираат околу пладне. Десетици илјади стојат рамо до рамо. Потребен е речиси еден час за околу 200 метри широкиот плоштад да се преполни со луѓе.Во минатите денови на споредните улици се поставени барикади. Демонстрантите со нив се обидуваат да се заштитат од полицијата.

„Ние сакаме Украина кон ЕУ, а не кон Русија да се доближува“, вели Светлана, студентка од Киев, која на протестите учествува со тројца пријатели. Сите се на возраст од околу 20-ина години. Тоа е генерација која е родена и порасната во независна Украина.

Предупредување пред посетата на Москва

Протестите имаат за цел да спречат приближување на Украина кон Русија. Политичари и активисти од бина на плоштадот го предупредуваат претседателот „да не потпишува никакви договори со Русија, кои би го запреле патот на Украина кон Европа“.

Јанукович утре (17.12.2013) патува во Москва за таму да се сретне со својот руски колега Владимир Путин. Според официјални информации, планирано е таму да се потпишат повеќе економски договори. Владата во Киев, пак, негира дека на оваа средба ќе стане збор за приклучување кон царинската унија на републиките од поранешниот Советски сојуз.

Ukraine Kiew Proteste
Паралелно се одржува и контра протест, на кој учествуваат поддржувачите на ЈануковичФотографија: DW/L. Grischko

За утре вечер е најавен нов протест во Киев на противниците на владата, со цел повторно да се испратат сигнали против можно приближување на Украина кон Русија. „Ние сме европски народ и сакаме кон Европа“ - оваа реченица ја изговорија многумина на бината.

Поддршка од Руслана

Пејачката и победничка на Евровизија Руслана нагласи дека ЕУ отвора перспективи за Украина.

„Постои барање за укинување на визите за Украинците. Јас сакам да патувам кон Европа без визи“, рече Руслана. Таа на бината доби награда за храброст. Руслана секоја вечер се ангажира како модераторка на плоштадот. Кога полицијата сакаше да го расчисти плоштадот во минатите денови, таа апелираше до луѓето во Киев веднаш да допатуваат во центарот на градот. Илјадници го следеа нејзиниот повик.

За доближување до ЕУ се залагаат и опозициските политичари, како што е светскиот боксерски шампион Виталиј Кличко. Тие освен нови избори бараат и ослободување на политичките затвореници, меѓу кои се наоѓа и поранешната премиерка Јулија Тимошенко. „Ние нема да се откажеме“, порача Кличко.

Демонстрантите добија поддршка и од двајца американски сенатори - демократот Крис Марфи и републиканецот Џон МекКејн, кои заедно со опозициските политичари се појавија на бината.

Ukraine Proteste 12.12.2013 Sängerin Ruslana
Руслана бара приближување до ЕУФотографија: Reuters

„САД во ова време стојат покрај Украина“, рече МекКејн. Тој апелираше до украинските полицајци да не употребуваат сила врз демонстрантите.

Мрачна музика на контрапротестот на „Анти-Мајдан“

Во владиниот кварт оваа недела демонстрираа и десетина илјади приврзаници на претседателот. Мнозинството од нив доаѓаат од истокот и југот на Украина. Таму, во индустрискиот дел од земјата, Јанукович ја има својата поддршка. Атмосферата на овој протест е сосема поинаква отколку што беше пред неколку дена. Сега од звучниците се слуша мрачна музика.

Бизнисменот Михајло Корол се надева дека се’ ќе остане мирно. Наскоро повторно ќе се врати во Киев на нови демонстрации.