1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Прчевски има политичка одговорност

Александар Прчевски21 септември 2006

Парламентарното мнозинство синоќа заклучи дека има политичка одговорност кај државниот обвинител за растечкиот криминал во Македонија. Сега на владата и е отворен пат да иницира разрешување на Александар Прчевски, кој не беше поканет во собранието и немаше право на одбрана од нападите на парламентарното мнозинство.

https://p.dw.com/p/Ac32
Фотографија: aptn

Тој ќе ја доживее судбината на своите двајца претходници – со секоја смена на власта да се елиминира и државниот обвинител. Тоа во Македонија стана инситутција која не е респектирана, ниту е авторитетна. Актуелниот државен обвинител ги изгуби сите големи судски спорови – од Раштански лозја, кога од вина се ослободени четирите специјалци осомничени за ликвидација на пакистански емигранти до корупцијата кај екс министерот Агрон Буџаку од ДУИ, што ја пријави лично екс-премиерот, Хари Костов, па големите финансиски скандали со банкарските аранжмани и екс-гувернерот Трпевски, осомничен за злоупотреба на околу триесетина милиони евра.

Државниот обвинител, Александар Прчевски, важеше за кадар на владата на Бранко Црвенковски и многумина во јавноста го обвинуваат дека е инертен во справувањето со малата заедница на моќната финасиска олигархија. Тој ја немаше и поддршката во јавноста, која криминалот и корупцијата и натаму ги смета за горливи проблеми во Македонија. Остри критики на оваа адреса доаѓаат и од ЕУ и НАТО. Во обидот да се справи со македонската мафија, премиерот Никола Груевски, на почетокот најавуваше дека ќе донесе странец како државен обвинител, искусен и авторитетен во битката со организираниот криминал. По критиките од експертите дека нема уставна основа за вакво решение, владата ќе се определи за советнички тим од италијански обвинители, најверојатно такви кои имале позитивни резултати во битката со домашната мафија.

Во изминатата деценија во Македонија успешно функционираше криминалната спрега меѓу политичките елити - бизнисмени – судство - министерство за внатрешни работи - подземје. Тоа овозможи државата да биде транзит или дестинација и за меѓународен шверц со цигари, трговија со луѓе и наркотици. Странски и домашни финансиски експерти, но и криминолози, оценуваат дека годишниот обрт од овие мафијашпки трансакции е над 500 милиони евра. И покрај обидите во министерството за внатрешни работи и во обвинителството да се формираат специјални оддели во борбата со организираниот криминал, Македонија и натаму високо котира како држава која не е сигурна за странски инвестиции.