1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Катастрофи

Бразил: Пукањето на браната и интересите на концерните

Марина Коста / Надја Понтес
28 јануари 2019

Шансите да се најдат преживеани во наносите на кал, се сѐ помали. И натаму е отворено прашањето дали се работело за време на несреќата. Од Брумадињо известуваат Марина Коста и Надја Понтес.

https://p.dw.com/p/3CJk2
Brasilien l Schlammlawine nach Dammbruch
Фотографија: Reuters/Washington Alves

„Сите стравуваа дека браната еден ден ќе попушти, иако од компанијата Вале секогаш гарантираа дека била безбедна."

Браната попушти пред два дена, а плоштадот на малото гратче Каза Бранка во близина на местото Брумадињо каде што се случи несреќата, е преполн со демонстранти.

11,3 милиони кубни метри вода, земја и одрони во петокот попладне однесоа најмалку 58 човечки животи. Последиците за околината не може да се предвидат. Луѓето од регионот Брумадињо во сојузната држава Минас Жераис се лути. „Проблемот со Вале во нашиот регион е бескрајната експлоатација. Нема никаква контрола", вели еден од демонстрантите. Тие бараат концернот веднаш да се повлече од Брумадињо.

Над 300 лица се исчезнати во несреќата

Едни се лути и демонстрираат, други не знаат ни дали треба да бидат во жалост: 305 лица и натаму се водат за исчезнати. „Пред да ги добијам првите вести за несреќата имавме контакт. Оттогаш наваму немам никаква информација“, вели еден маж чиј што брат е меѓу исчезнатите. Тој бил техничар во Вале и за време на несреќата бил на работа.

Една жена го бара сопругот: „Беспомошни сме!“, вели таа. Сопругот работел во канцеларија веднаш до ресторанот на компанијата Вале, кој целосно е уништен од наносот. Хеликоптери го надлетуваат местото на несреќата. Противпожарните служби се обидуваат да стигнат до луѓето кои поради попуштањето на браната се целосно отцепени од надворешниот свет и чекаат помош.

Brasilien Protest in Brumadinho gegen Vale 2
Не за рудници, да за живот - жителите на Брумадињо се бесниФотографија: Marina Costa

Лиценцата дозволува рециклирање на отпадот од Брумадињо

Додека трае потрагата по исчезнати, прашањето за одговорноста станува сѐ погласно. Во фокусот на дискусијата е лиценцата која компанијата Вале ја добила во декември минатата година. Со неа се дозволува компанијата да ги прошири своите активности во рудникот. Марија Тереза де Фреитас Коружо е советник во Комората за рударство во рамки на Советот за екологија во сојузната држава Минас Жераис и таа била против давањето на лиценцата. „Вале правеше притисок сите лиценци кои им се потребни да бидат доделени на само една седница на Комората", вели Фреитас Коружо во интервју за ДВ.

И така и се случило: од документите за давање на лиценцата произлегува дека концернот добил зелено светло за да користи одредени материи од басените за расчистување кои сега се уништени. Дали во моментот на несреќата се одвивале такви активности концернот Вале не сакаше да ја информира ДВ сѐ до моментот на објавување на овој извештај.

Со оглед на тоа дека во моментот на попуштањето на браната ниту врнело ниту имало потреси, за Марија Тереза де Фреитас Коружо постојат само две варијанти: „Или Вале лажеле кога тврдеа дека браната е сигурна, или концернот веќе започнал со работата за добивање на одредени материи од басените и притоа се случила некаква грешка.“

Во септември минатата година браната била испитувана и тоа од германската служба за технички проверки ТИВ Зид. Не биле забележани штети, потврди портпарол на германската служба. ТИВ Зид нагласува дека ќе помогне во истрагата и ќе ги стави на располагање сите документи.

Brasilien Protest in Brumadinho gegen Vale 2
Во собирниот центар во Брумадињо има многу луѓе кои останаа без покрив над главатаФотографија: Marina Costa

Ова не е прва несреќа од ваков тип

Пред три години конзорциумот Вале беше на насловните страници поради слична ваква несреќа. Во рудникот во Мариана тогаш се урна потпорна брана. Загинаа 19 луѓе, а реката Рио Досе беше контаминирана долж 650 километри. Катастрофата од Мариана не беше сфатена сериозно, вели Андреа Зури, истражувач на државниот Универзитет од Минас Жераис (УФМГ). Тие ги анализираат последиците од рударството врз животната средина. Само еден месец по уривањето на браната во Мариана, сојузната држава Минас Жераис донесе закон со кој се менува целата структура за лиценцирање на еколошките дозволи. „Лиценцирањето стана уште поедноставно. Решението беше донесено набрзина, без да се направи студија за изводливост или некаков друг вид научна анализа, молчешкум и без дебата“, критикува Зури.

И таканаречениот „Надзор на приоритетни проекти“ (Суппри) беше основан со закон. Клеменс Лашефски, професор на Универзитетот во Минас Жераис смета дека оваа инцијатива беше основана само со една цел: да се стави под притисок Советот за животна средина на Минас Жераис за да ги забрза проектите што Гувернерот ги смета за важни.

„Овие компании кои го туркаа законот се истите кои ја финансираа изборната кампања на владеачката партија. Оттука, одлучувачки за тоа кои ископи ќе бидат одобрени се интересите на концерните“, вели Лашефски. Ништо не ја влоши толку ситуацијата во рударскиот сектор како основањето на Суппри, смета Лашефски како и многу други експерти. „Издавањето на лиценци сега се врши на шалтерче", вели научникот Зури и додава дека „притоа недостасува контролата од државата". Официјалните претставници на сојузната држава Минас Жераис не сакаат да ги коментираат ваквите обвинувања.