1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Путин – Медведев нов тандем на чело на Русија

Laak, Stephan18 декември 2007

Шефот на германската дипломатија Франк Валтер Штајнмајер денеска патува за Москва, каде го очекуваат разговори со актуелниот руски претседател Владимир Путин и со неговиот најверојатен наследник Дмитри Медведев.

https://p.dw.com/p/Cd4U
Новиот тандем: Владимир Путин и Дмитри МедведевФотографија: picture-alliance/dpa/RIA Novosti/Kremlin


Големата сала во која се собраа делегатите на „Обединета Русија„ беше исполнета со боите на националното знаме. Делегатите беа многу свечено облечени, не баре станува збор за некоја гала свеченост, а не за партиски конгрес на кој треба само да се номинира кандидат за наредните претседателски избори. На дневниот ред и не стоеше ниту една друга точка освен прокламирањето на единствениот кандидат на партијата, Дмитри Медведев. За него гласот го дадода речиси 100% од присутните делегати.


Реално погледнато, меѓутоа, Медведев и не беше главниот актер на свеченоста. Настапот на Владимир Путин беше она што сите го очекуваа. Тој пак пред делегатите свечено изјави дека стои на располагање како иден премиер на Русија – секако под еден услов:


„Ако граѓаните на Русија му ја дадат довербата на Дмитри Медведев и го изберат за претседател на државата, тогаш сум подготвен да ја продолжам нашата соработка, во тој случај како премиер на Руската Федерација.„


Путин нагласи дека не е потребна промена во односите на моќ меѓу премиерот и претседателот. Тој на делегатите на Конгресот на „Обединета Русија„ најтопло им го препорача Медведев:


„На Конгресот му предлагам да го номинира Дмитри Медведев. Тој е апсолутно чесен и пристоен човек. Веќе работеше во разни подрачја, каде не беше лесно. Можам со полна доверба да кажам дека највисоки приоритети за Дмитри Медведев се интересите на државата и на нејзините граѓани!„


Медведев е стар соборец и соработник на актуелниот руски претседател, иако не доаѓа од редовите на тајните служби. Тие се познаваат повеќе од 17 години и за прв соработуваа во градската управа на Санкт Петерсбург. Сега Медведев е вице премиер и задолжен е за образованието, социјалата и земјоделството. На Западот, пак, му е познат пред се‘ како поранешен Претседател на Управниот одбор на Газпром.


Во првата реакција по номинирањето Медведев посочи:


„Навистин сум радосен што Владимир Путин ја прифати понудата. Заедно во тим, поддржани од парламентарното мнозинство и заедно со новата влада можеме да ги разрешиме и најкомплицираните проблеми.„


Изборот на Дмитри Медведев за нов руски претседател се смета за сигурен. Така тој и Путин ќе бидат новиот тандем на чело на руската држава и секако ќе го продолжат сегашниот курс.