1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Путин нема вистински ривал

27 јануари 2012

Рускиот премиер Владимир Путин на претседателските избори на 4-ти март ќе има четворица противкандидати. Реформатори како политичарот Григориј Јавлински не можат да се кандидираат. Ќе победи ли Путин уште во првиот круг?

https://p.dw.com/p/13reE
Игра на сигурна победа-ПутинФотографија: picture-alliance/dpa

Околу пет недели пред претседателските избори во Русија листата на кандидати веќе е позната. Но, ниту еден од неа не е вистинска опасност за Владимир Путин. По четири години на премиерската функција, Путин повторно сака да стане претседател како кандидат на владејачката партија „Единствена Русија“.

Како предизвикувачи настапуваат главно одамна познатите политичари, кои и порано се кандидирале за претседателската функција. Тие се застапени во парламентот со своите партии веќе со години: Владимир Жириновски, лидер на деснопопулистичката Либерално демократска партија; Сергеј Миронов од партијата која важи за блиска на Кремљ - Праведна Русија; Генади Зјуганов, шеф на Комунистичката партија. Единствен новајлија меѓу кандидатите е бизнисменот Михаел Прохоров, во чија независност од Кремљ аналитичарите се сомневаат.

Russland Parteien Jabloko Grigori Jawlinski in Moskau
Григориј Јавлински, лидер на ЈаблокоФотографија: picture-alliance/dpa

Прохоров се надева на гласовите од средниот слој

Другите кандидати се исклучени, зашто според Централната изборна комисија не го собрале потребниот број гласови. Меѓу нив е основачот на реформски ориентираната партија „Јаблоко“ Григори Јавлински. Четвртина од потписите кои ги доставил не одговарале на правните прописи, гласи образложението од Москва.

По елиминирањето на Јавлински, милијардерот Прохоров се надева да ги добие гласовите на либералните избирачи. Веќе одредено време тој се обидува да се претстави како кандидат на незадоволните групи гласачи.

Третиот по богатство човек во Русија настапува како претставник на средниот слој, се залага за слободни избори и поголема демократија во Русија.

„Вашите тези ги преточив во мојата изборна програма“, пишува Прохоров во својот блoг.

Mikhail Prokhorov
Михаил Прохоров агитира кај средниот слојФотографија: picture-alliance/dpa

„Политички мотивирана одлука“

Изборниот штаб на Јавлински одлуката на Изборната комисија ја толкува како „политички мотивирана“. Многумина руски аналитичари го делат ова мислење.

„Откако кандидатурата на Јавлински е одбиена, нема никој за кој би можел да гласам“, изјави за Дојче веле претседателот на московскиот Хелсиншки комитет Људмила Алексејева. Според неа, демократски ориентираните гласачи на 4-ти март ќе го дадат својот глас за Јавлински.

Експертите имаат забелешки пред се’ на краткиот период кој им беше оставен на потенцијалните кандидати за собирање на потребните потписи. Андреј Бусин од руската невладина организација „Голос“ укажува на фактичката неможност во рок од еден месец да се соберат на чесен начин два милиони потписи, особено што во тој месец имаше божикни и новогодишни празници.

„Како допуштените кандидати ги собрале потписите, за мене е загатка. Кај мене постои генерален сомнеж“, вели тој.

Moskau Proteste der Kommunistischen Partei gegen Putin
Протести против Путин се одржуваа редовно минатата годинаФотографија: dapd

Дали се’ ќе биде завршено во еден изборен круг?

Со одбивањето на кандидатурата на Јавлински победата на Путин би можела да биде сигурна уште во првиот изборен круг, претпоставуваат аналитичарите во Москва. Доколку сепак дојде до втор круг, во него најверојатно ќе влезат Путин и Зјуганов. Анкетите во моментов велат дека Путин би добил 37 до 45 проценти, а растојанието до второпласираниот Зјуганов изнесува повеќе од 20 насто гласови.

Се очекуваат нови масовни протести

Многумина Руси се прашуваат дали воопшто се исплаќа да се учествува на гласањето. Фактот што либералот Јавлински не смее да се натпреварува во трката за претседател може да значи нов поттик за протести во Русија, сметаат набљудувачите. Масовните демонстрации лани во декември, поради фалсификувањето на парламентарните избори, на почетокот на февруари можат да се повторат.

Автор: Јегор Виноградов/ Жана Ацеска

Редактор: Александра Трајковска