1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Путин прави сплетки

Корнелија Рабиц13 септември 2007

Важно е навреме да се дефинира курсот пред изборите. Со ова образложение рускиот претседател Путин ја бранеше одлуката да ја отпушти владата на Фрадков и за нов премиер да го назначи финансискиот експерт Зубков.

https://p.dw.com/p/BfXM
МоскваФотографија: AP

Зајачето што од својот шешир го извади рускиот претседател Путин се вика Виктор Зубков. И, како што вообичаено при вакви маѓионичарски точки се случува, јавноста изненадено реагира со „ох“ и “ах“ и се исчудува. Кој е овој Зубков? За него не се знае многу. Тој е финансиски експерт. Тој е човек од доверба на Путин уште од старите санкт-петерсбуршки денови на претседателот. Човек од вториот ред, што не паѓа в очи, неиспишан лист хартија.

Тоа можеби и не е важно. Важно е што Владимир Путин уште еднаш им покажа на сите. Тој е политичар кој на јавноста повремено и‘ задава крстозборки, и‘ фрла магла, работи скришум, предизвикува изненадувања и на тој начин на целиот свет му покажува дека има само еден човек кој ги влече конците во руската внатрешна политика – Владимир Владимирович Путин. Претседателот со КГБ минато. Во март 2008 година завршува неговиот втор и последен мандат. Но, со него мора да се смета и натаму. Нему ни оддалеку не му минало времето. Путин ги поставува насоките за времето по неговото збогување од функцијата. Тука ништо не смее да тргне наопаку.

Рускиот претседател со именувањето на бледиот финансиски експерт Зубков уште еднаш покажува кого го смета за погоден да ја води големата земја која бележи економски успеси и има политички проблеми. Тоа се или луѓе од тајните служби со сомнително минато или технократи, неполитички, здодевни фигури, експерти за нешто – земјоделство, армија или финансии, само не искусни, харизматични и со нивната демократска волја, легитимирани политичари, на кои им е до нешто повеќе отколку само до бизнис. Путин се потпира врз неполитички политичари.

Московските случувања со малку добра волја можат да се класификуваат како нормална постапка. Образложението за реконструкција на владата, сепак, барем надвор од Русија, изгледа чудно. Дали една влада се менува затоа што доаѓаат избори? Путин рече дека владата пред изборите мора да биде така поставена за да може да ја подготви земјата на очекуваните промени. Структурата на власта треба да се изгради од ново. Чудно – ако е демократски, слободно и фер, тогаш владата ќе им остави на избирачите да пресудат за нејзините постигнувања. Тие ќе ја потврдат раководната елита или ќе ја тргнат од власт.

Предизборното време во Русија, наспроти тоа, е очигледно време на политички интриги и сплетки, на трикови и измами. Тоа не претпоставува ништо добро.