1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Пјонгјанг: САД и Јужна Кореја планираат убиство на Ким

ЖА
5 мај 2017

Северна Кореја ги обвини тајните служби на САД и Јужна Кореја за планирано труење на Ким Јонг Ун. Напредокот на атомската програма на Пјонгјанг треба да се земе сериозно, гласат проценките на шефот на МААЕ.

https://p.dw.com/p/2cTSn
Nordkorea Kim Jong-un
Фотографија: Reuters/KCNA

САД и Јужна Кореја извршиле уфрлање на терористи во Северна Кореја со цел да биде убиен лидерот Ким Јонг Ун со биохемиска супстанца, соопшти денеска севернокорејското Министерство за државна безбедност, а пренесуваат севернокорејските медиуми.

Директно се апострофирани американската ЦИА и тајната служба на Јужна Кореја, на чии адреси се испратени закани со уништување. ЦИА и Јужна Кореја наводно склучиле непријателски комплот да го ликвидираат Ким со хемиски отрови за време на некоја јавна манифестација. За ЦИА, меѓутоа, употребата на „биохемиски, вклучувајќи и радиоактивни супстанци и отровни нано-честички е најдобар метод, зашто не налага директен пристап до целта и смртниот резултат е виден дури по шест до дванаесет месеци“, тврди севернокорејското Министерство. Според него, САД и Јужна Кореја корумпирале и поткупиле севернокорејски граѓанин со презиме Ким, со цел да изврши напад врз Ким Јонг Ун. Овој комплот е рамен на објава на војна, се вели од Пјонгјанг, без да се соопштат детали како бил разоткриен наводниот заговор и што се случило со наводниот шпион.

Nordkorea Atomtestgelände Punggye-ri
Атомски полигон во Северна Кореја снимен од сателитФотографија: CNES/Airbus DS/38 North/Spot Image

Ситуацијата во регионот е исклучително напната поради агресивното развивање на севернокорејската програма за атомско оружје. 

Заканите со нуклеарен напад од страна на Пјонгјанг, според проценките на Меѓународната агенција за атомска енерегија, МААЕ, треба да се сфатат сериозно. „Имаме индикации дека атомската програма напредува онака како што тврди Северна Кореја. Сите индиции укажуваат на напредок, а тоа нѐ загрижува“, изјави денеска шефот на МААЕ, Јукија Амано за „Зиддојче цајтунг“. 

Меѓународната агенција за атомска енергија уште од 2009 година нема инспектори кои во Северна Кореја би го надгледувале развојот на атомската програма, но се користи со сателитски снимки.

Без оглед на меѓународните санкции, кои се во сила повеќе години, Северна Кореја со големи напори успева да добие оружје од други земји и сега „веќе располага со прилично напредната технологија“, истакнува Амано. Пјонгјанг постојано врши ракетни тестови, кршејќи ги на тој начин бројните резолуции на ОН. Конфликтот околу атомската програма се заостри откако американскиот претседател Доналд Трамп го зголеми притисокот врз Северна Кореја, не исклучувајќи ни употреба на воена акција.