1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Работа без граници

Сабрина Пабст / Симе Недевски5 јули 2013

Во одделни земји од ЕУ секој втор млад човек е невработен. Многумина својата среќа ја бараат преку граница, во некоја друга земја во ЕУ. Сепак, тоа може само да го ублажи проблемот, но не и да го реши.

https://p.dw.com/p/192IH
Фотографија: picture-alliance/dpa

Зад кратенката ЕУРЕС се крие Европскиот портал за работна мобилност (European Employment Services). Тоа е всушност мрежа која ги поврзува работодавачите од ЕУ и од Швајцарија со луѓето кои бараат работа. На работниците им се нуди соодветно работно место, а на работодавачите стручна работна сила. Целата работа ја координира Европската комисија, а учествуваат и јавни агенции за вработување, синдикати и здруженија на работодавачи.

Работа во соседна земја

Во време на криза, кога е се' потешко да се најде работа во околината или во малите огласи, ЕУРЕС само доби на значење. Додека некои земји, како поранешните републики од Југославија, имаат значен процент гастарбајтери, меѓу граѓаните на ЕУ само 2 проценти живеат и работат во странство. „ЕУРЕС е важен инструмент на пазарот за труд“, вели Клаудија Зис, советничка за ЕУРЕС при Агенцијата за вработување во Менхенгладбах. „Мрежата нуди широки перспективи и транспарентност, помага да се намали невработеноста наместо да се движи само во еден затворен пазар на труд“, додава таа.
Зис во последно време често упатува невработени луѓе во Холандија. На само 40 километри од Менхенгладбах се отвораат нови работни можности за оние кои во Германија не можат да најдат работа, или не им одговараат понудите. Преку ЕУРЕС лесно се наоѓаат слободни места и се договараат интервјуа со работодавачите. „Оние кои живеат во пограничните региони можат да споредат дали работата во соседната земја во ЕУ можеби ќе им донесе предност кога станува збор за даночниот и социјалниот систем“, вели Клаудија Зис..

Луѓето заминуваат зошто се принудени

Сепак, ни овој портал на ЕУ не е семоќен. Последниве години се забележува зголемена побарувачка на работни места, но и намалена понуда. Многумина посегнуваат по ЕУРЕС и сезонски, вели нашата соговорничка. „Ако на есен или во зима се зголеми невработеноста во некоја бранша, тие луѓе веднаш бараат работа и преку граница“, заклучува таа.
Мобилноста има, секако, и свои негативности. Селењето од едно работно место на друго не е начин на живот кој поголемиот број Европејци го сакаат, критикува Јута Штајнрук, европратеничка од германската Социјалдемократска партија. „Не можеме никого да го принудиме да ја менува својата општествена средина. Да се отиде некаде во Европа каде моментално недостига работна сила, а потоа за 2 години да се премине во некоја трета земја- тоа не го решава проблемот на невработеноста во Европа“, вели Штајнрук.
Таа работи на програмата „Социјална промена и иновации“ која е финансиски испланирана до 2020 година. Еден од инструментите ќе биде и ЕУРЕС, но Штајнрук нагласува дека преселувањето во друга земја поради работа мора да биде доброволно, а не принудно решение. „Зголемената мобилност на работната сила не е решение за невработеноста на младите. Не можеме да ги принудиме младите луѓе од регион во кој е висока невработеноста да се преселат во соседната земја и да бараат работа“, вели оваа политичарка. Таа ЕУРЕС и сличните програми ги гледа само како дополнување за работните места кои во секоја земја мораат да се создаваат на лице место.

Deutschland Spanien Spanische Klempner-Praktikanten
Фотографија: picture-alliance/dpa

Доаѓа работна сила, остануваат луѓе

Силните економски земји како Германија ги привлекуваат студентите од странство, или младите стручњаци без работно искуство. Грешка е, смета Јута Штајнрук, што Германија тие млади луѓе ги зема рано под свое за да ги подготви за германскиот пазар на труд. „Целта мора да биде тие млади луѓе да бидат способни да работат и во своите татковини“, смета таа. „Работното номадство има и општествени последици кои нам не ни се познати до крај“, вели Штајнрук, мислејќи на младите луѓе кои рано се одвојуваат од семејствата, пријателите и општественото опкружување во кое растеле.

Thema: Arbeiten im europäischen Ausland
Фотографија: picture-alliance/JOKER

А и кога ќе стигнат во Германија луѓето често не ги чека ништо повеќе од работно место. Штајнрук вели дека на Германија и‘ е потребна посилна „кутура на добредојде“. „На луѓето кои сакаат да останат мораме да им дадеме шанса да се населат трајно и да основаат семејства.“ Оваа политичарка потсетува на бранот гастарбајтери кои во педесетите години на минатиот век стигнуваа од Турција, потоа во шеесетите од Југославија и вели дека некои од нив ни до ден денес не се интегрирале во општеството бидејќи заемен интерес била првенствено економијата, односно работното место. „Доаѓа работна сила, но остануваат луѓе“- таа лекција до денес не е научена, смета Јута Штајнрук.