1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Работа и за викенд, а термини за пасош дури по една година!

7 август 2010

Македонските граѓани тешко доаѓаат до нов биометриски пасош кој им овозможува безвизно патување во Европа. Но тоа не е единствената причина поради која не патуваат често. Какви се ефектите од визната либерализација?

https://p.dw.com/p/OeSi
Фотографија: DW

Иако е сабота управните служби во Македонија работат. МВР и денеска издава пасоши и други лични документи. Но, ангажманот на надлежните во време на викенд нема да ги реши сите проблеми на граѓаните кои се обидуваат да дојдат до некој од личните документи. Пасошот е најбаран, без конкуренција. Во пасошкото одделение сликата со денови е иста. Метеж, редици, многу луѓе во обид да стигнат до биометриска патна исправа. Пред микрофонот на Дојче веле, луѓето не ја кријат нервозата поради хаосот пред шалтерите.

Mazedonien Ausweis
Фотографија: DW

Објаснувањето на надлежните е дека метежот се создава поради зголемениот број барања од страна на македонските иселеници, кои во овој период од годината се враќаат во татковината. Не помогна ниту новата машина која Македонија ја набави од германската компанија Гисеке и Девриент. Портпаролот на МВР Иво Котевски за Дојче веле објаснува: „Успаваме да одговориме на барањата чиј број во овој период од годината е зголемен поради тоа што многу граѓани кои подолго време живеат надвор од Македонија го користат престојот во татковината за да извадат лични документи.“

Но, да се дојде до нов пасош што ги отвора вратите кон Европа е навистина тешко. Граѓанинот прво сериозно ќе се изнамачи за да добие некој од операторите во повикувачкиот центар. Ако има среќа ќе чека на телефонската слушалка најмалку 5 минути. Откако ќе ги слушне слободните термини за закажување повторно ќе се разочара. Тие што ќе се јават денес ќе можат да аплицираат дури во октомври наредната година.

Колку патуваат граѓаните?

Операцијата вадење нов пасош која е навистина сложена е само една од причините поради кои македонескиот граѓанин ослободен од визниот бункер не се претвори во светски патник. По падот на шенгенскиот ѕид бројот на патувања е зголемен, но не драстично. Според податоците од МВР во првата половина годинава се регистрирани над милион и петстотини илјади излегувања од земјата што е за 200 илјади повеќе во споредба со истиот период лани. Биометриски пасош кој овозможува патување во Европа без виза во него досега извадиле околу 900 илјади граѓани. Освен соодветен пасош, многу луѓе немаат доволно пари за туристички патувања надвор од земјата. Авиобилетите се се’ уште прескапи, другите видови превоз, поради лошите сообраќајни врски, се бавни и компликувани.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Александра Трајковска