1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Работнички на теренот загуби, но победи на трибините

30 јули 2010

Иако загуби од посилниот тим на Ливерпул, Работнички го обели образот на земјата, организирајќи впечатлив спортски настан. Задоволни беа и гостите од „Островот“, кои овој пат се појавија во помал број од очекуваниот.

https://p.dw.com/p/OY8g
Навивачите на Ливерпул на стадионот во СкопјеФотографија: MIA

Ливерпул е најблескавото име кое досега истрчало на македонскиот фудбалски полигон. Македонската јавноста така имаше блиска средба со клуб-гигант, кој функционира речиси беспрекорно.

Работнички во овие неколку дена покажа дека клупски расте. Пред се’ организационо. Го подигна настанот на потребното рамниште. Обезбеди одличен амбиент на трибините, почитувајќи ги принципите на организирање на ваков меч, предизвика позитивни реакции од комплетната англиска свита: од менаџерот Рој Хоџсон, од бројниот известувачки тим, од навивачите... Впечаток е дека ова беше успешна афирмација на македонската средина.

Roy Hodgson
Рој ХоџсонФотографија: AP

Репортерот на лондонскиот „Дејли мејл“, Колин Јанг по 10 години одново е во Скопје. „Јас бев тука и пред 10 години кога гостуваше репрезентацијата на Ирска. Скопје е многу изменето во меѓувреме. Прераснува во убав град со многу убави места, со плоштади, паркови и пабови покрај реката Вардар. Многу убаво место е во кое уживавме.“

Fußballspiel FC Liverpool gegen FC Rabotnicki
Ливерпул - РаботничкиФотографија: MIA

Луиз Тејлор, новинар на „Гардијан“ го истакнува гостопримството. „Уживав во времето, бидејќи живеам на север од Англија каде што е студено. Тука е убаво. Луѓето се многу пријателски расположени. Добро е што многу места во Европа се слични, а Скопје во тој поглед е различно.“

Од мечот го јавиле следново: „Ливерпул освен на почетокот, покажа дека е поискусен и посилен тим. Со Кирјакос, Шкртел, Агер и другите што играа на Светското првенство, рутинирано го заврши натпреварот против македонскиот тим.“

„Натпреварот беше добар, чист без картони. Мислам дека Ливерпул се изненади себеси со лесната победа, бидејќи Рој Хоџсон во своето деби се плашеше од пораз. Навивачите беа одлични. Се’ на се’ ова беше убава вечер.“

Зошто дојдоа само мал број навивачи на Ливерпул?

Fußballspiel FC Liverpool gegen FC Rabotnicki
Ливерпул - РаботничкиФотографија: MIA

Ливерпул во Скопје потфрли само во едно. Изостана бројната навивачка армија, која обично го следи на секој чекор. Само околу стотина фанови од Енфилд Роуд ја поздравија победата на „црвените“ на Филип Втори aрената, иако Ливерпул имаше побарување од 1200 влезни билети. Зошто беа толку малку? „Се доцнеше со аранжманот, лошо беше организирано од клубот, многумина не стигнаа на време да го обезбедат патот. Нормално е да има повеќе, но и вака беше добро“.

А за што ќе раскажуваат по враќањето од Скопје?

„Многу пријателски луѓе, имавме прекрасен престој, градот е убав, добро е да се биде тука.“

„Многу убави жени, добра храна, многу алкохол, многу, многу добри луѓе“

„Мислам дека ќе се вратам тука за време на мојот одмор. Сум бил во многу градови во Европа. Мислам дека Скопје е најдобро“.

Stadion Philip der Zweite in Skopje
Како да се наполнат трибините во домашното првенство?Фотографија: DW

Силниот фудбалски бран, предизвикан од гостувањето на Ливерпул во Скопје отиде. Следи реваншот на Енфилд Роуд, што ќе биде ново единствено доживување за Работнички. Во меѓувреме, в недела ќе стартува новото фудбалско првенство на Македонија. Ќе се игра фудбал во сосема поинаков амбиент од синоќешниот, со ехото на топката кое се одбива од празните трибини.

Автор: Златко Калински

Редактор: Александра Трајковска