1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Разделба со Буш без солзи

Коментар на Нина Веркхојзер12 јуни 2008

Американскиот претседател Џорџ Буш на функцијата останува уште седум месеци, но неговата посета на Германија беше всушност проштална. Разделба, која на речиси ниеден германски политичар не му паѓа тешко.

https://p.dw.com/p/EIFu
Меркел и БушФотографија: AP

Во Германија ретко некој ќе пролее солзи по Џорџ Буш. За мнозинството Германци тој е најлошиот американски претседател на сите времиња. Не само поради тоа што не им е симпатичен или што го сметаат за просечен политичар. Причината лежи многу подлабоко: Џорџ Буш ги откажа заедничките вредности кои ги поврзуваа САД и Германија од крајот на Втората светска војна. Тогаш Американците за Германците беа помошници во маката и учители по демократија. Денес тогашните ученици не ги разбираат своите учители. Одбивање на војната како средство на политиката, неприменување методи на мачење, заштита на човековите права во секоја прилика, од овие заеднички убедувања не остана многу.

Политика против заедничките вредности

Затвореничкиот логор Гвантанамо, тајните затвори на американските разузнавачки служби и ирачката војна се само три поразувачки примери за тоа. Буш свесно се одлучи за неговата политика, во која заедничките вредности веќе не важат. Едно постојано искушение за Германија, зашто САД се и остануваат неодминлив партнер, како политички, така и економски. Поранешниот германски канцелар Герхард Шредер реагираше со отворено одбивање на ирачката војна, без притоа во практика да ја напаѓа премногу американската влада. Ангела Меркел се обиде со пријателство и дипломатија. Нејзе и‘ успеа подобро да му се приближи на Џорџ Буш. Дали меѓутоа имаше и поголемо влијание врз него, тоа е прашање.

Знаци дека трпението истекува

При прошталната посета на Германија американскиот претседател повторуваше дека ирачката војна беше правилна,а во врска со Иран ги остави отворени сите опции, тоа значи, и воената. Во тие моменти германската канцеларка покрај Џорџ Буш имаше дистанциран израз на лицето. Нејзината пофалба за добрата соработка со Џорџ Буш овојпат звучеше помалку еуфорично отколку на претходните средби. Можеби тоа беше знак дека и кај Ангела Меркел истекува трпението кон Џорџ Буш. Тоа што трпението кај мнозинството Германци веќе одамна го нема, и‘ беше јасно и на американската страна, тие испланираа за Буш таква програма на посетата, која беше на сигурна далечина од главниот град Берлин.

На неговата последна посета на Германија Џорџ Буш се прости од канцеларката Ангела Меркел,но и од Германците, тие имено немаа што да му кажат. Освен тоа што еден политичар од партијата на канцеларката отворено го формулираше: Џорџ Буш нема да им недостасува.