1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Разделби: Франк Лук ја заврши спортската кариера, погребан Марко Пантани

22 февруари 2004
https://p.dw.com/p/Aeo6
Во текот на претходната недела еден голем ас на германскиот и светскиот спорт го објави крајот на кариерата: Франк Лук, биатлонец од светска класа. Тој нема ни да ја доврши тековнава сезона - се реши да не отпатува на преостанатите три натпревари од светскиот куп. Лук нема да оди во САД, но сепак ќе се појави на последниот биатлон во сезоната во Холменколен кај Осло за да се прости таму од оние со кои водеше борба на снежните патеки. Потоа ќе ја одржува формата до јуни, кога всушност ќе истрча само проштална трка. "Не можев ни да си претставам подобар крај на кариерата од златниот медал во штафета на светското првенство во Оберхоф", рече 36-годишниот Франк Лук, кому Оберхоф му е и родно место. Со 11 титули и уште пет сребрени и 4 бронзени медали тој е најуспешниот учесник на светските првенства во биатлон на сите времиња. Во средата Италија се прости од големиот велосипедист Марко Пантани, кој беше погребан во родното место Чезенатико на брегот на Јадранското море. Причина за смртта на 34-годишниот Пантани, како што покажа обдукцијата, е откажување на работа на срцето поврзано со отоци во белите дробови и мозокот. Насилна смрт е исклучена, но не и труење со лекови или самоубиство. Конечните резултати од истрагата, со тоа и точната причина за смртта, ќе бидат познати за 10-ина денови. Самоубиство или не - Марко Пантани е трагична фигура. Во 1998-ма година стана национален спортски херој, кога победи прво на Џиро д'Италија, а потоа и на Тур д'Франс. Ќе остане незаборавно како само 1 метар и 70 сантиметри високиот Пантани го остави речиси 9 минути зад себе на една ридска етапа победникот на Тур од претходната година, Германецот Јан Улрих. На угорнините никој не вози како "Ил пирата", како што го нарекуваа поради шамијата врзана на глава. Но, во кариерата тој имаше и многу порази и несреќни моменти. Во 1995-та година, за време на трка, на него налета автомобил и му ја скрши ногата. По повеќе операции, наместо евентуален крај на кариерата што му се закануваше, тој успеа да се врати и дури потоа да ги оствари најголемите успеси. Преломните негативен момент дојде во 1999-та, кога беше исклучен на стартот од претпоследната етапа на Џиро д'Италија, во момент кога беше во водство во генерален пласман. Причина - сомневање за допинг. Од таквите сомневања веќе не се ослободи, беше осуден на три месеци затвор условно, иако подоцна во повисока инстанца пресудата беше укината. Во 2002-ра беше суспендиран на повеќе месеци откако во неговата соба беше пронајдена инсулинска ампула. Се чини дека веќе не му беше дораснат на притисокот на јавноста - ланското лето бешше лекуван од депресија во една психијатриска клиника во Падова, по што објави: "Можете да го заборавите велосипедистот Пантани". Во тој момент никој не помислуваше дека недолго по крајот на спортската кариера, ќе биде ставена тчка и врз животот на Марко Пантани.