1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Различни позиции на Берлин и Тел Авив

8 ноември 2010

Шефот на германската дипломатија Гидо Вестервеле со посетата на Појасот Газа денеска ја завршува посетата на Израел и палестинските територии. Тоа беше и прва посета на германски министер на Појасот Газа од 2006 година.

https://p.dw.com/p/Q1go
Владите на Израел и Германија имаат различни ставови за доселеничките населбиФотографија: AP/DW

Израелската блокада на Појасот Газа само го зајакнува екстремизмот, порача Вестервеле денеска од Газа. Тој оцени дека е неприфатливо 1,5 милиони луѓе да живеат во блокада, и побара да се дозволи трговијата за сиромашната територија:

„Ние сме за зајакнување на прогресивните палестински сили. Исто така се залагаме за поголем стопански развој, и токму затоа побарав да се дозволи извоз од Појасот Газа, и во тој поглед на мојот колега му претставив конкретни предлози и идеи.“

Хамас мора да се откаже од насилството

Guido Westerwelle in Gaza
Гидо Вестервеле во посета на училиште во Појасот ГазаФотографија: picture alliance/dpa

Вестервеле во Газа го посети колекторот за чие финансирање германската влада издвои 20 милиони евра, и најави дека неговата земја и натаму ќе поддржува проекти во регионот. Од другастрана, тој одби да се сретне со претставници на движењето Хамас кои ја контролираат власта во Појасот. Вестервеле објасни дека нема намера да се сретне со претставниците на движењето се‘ додека тие не се откажат од насилството, и го прифатат правото на постоење на Израел. Од Хамас го оценија како „срамно“, одбивањето на средбата од страна на Вестервеле.

Претходно во Ерусалим, Вестервеле ги повика Израелците и Палестинците да вложат повеќе напори, за да се постигне успех во директните преговори за мир на Блискиот Исток. Не смее да има застој во мировниот процес, изјави германскиот министер на прес-конференцијата со неговиот израелски колега Авигдор Либерман во Ерусалим.

Различни ставови за населбите

Israel AußenMinister Avigdor Lieberman
Израелскиот министер за надворешни работи Авигдор ЛиберманФотографија: AP

Германскиот министер Вестервеле истакна дека тој и неговиот домаќин како и досега имаат различни ставови за населбите:

„Целта на германската сојузна влада и понатаму е сеопфатно и правично решение помеѓу двете држави, и затоа во поглед на проблемот со населбите ние разменивме спротивставени мислења.“

Либерман го потврди тоа со зборовите:

„За да ви биде полесно, ќе ви кажам дека немаме постигнато договор за населбите, но јасно ми е дека тие не се пречка за мирот.“

Средбата на двајцата министри во Ерусалим ја одбележа и мал гаф на израелскиот протокол. Имено, наместо германското знаме, на влезот на израелското министерство за надворешни работи била поставена белгијската тробојка. За среќа грешката била брзо забележана.

Автор: КФ /ЈМЈ/дпа/афп

Редактор: Жана Ацеска