1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Различни позиции пред денешната средба за името

Александар Чомовски6 октомври 2008

Лидерите на политичките партии во Македонија на денешната средба треба да изградат заедничка позиција за името, пред стартот на новата преговарачка рунда, на која се очекува Метју Нимиц да изнесе конечен предлог.

https://p.dw.com/p/FUdU
Политичките партии со различни ставови околу спорот со иметоФотографија: picture-alliance/ dpa

Лидерската средба ќе се сведе на дебата на различни ставови за решението околу името. Кога шефот на македонската дипломатија, Антонио Милошоски, за време на викендот изрази песимизам за дијалогот власт - опозиција, тогаш е сосема јасно дека пред последниот предлог од страна на медијаторот Метју Нимиц, во Скопје владее општа конфузија.

За време на викендот ВМРО ДПМНЕ и СДСМ ги разменија старите дисквалификации, наречувајќи се едни со други предавници и патриоти. Во денешниот дијалог инициран од премиерот,а експресно прифатен од претседателот на државата, главната концепциска разлика меѓу нив останува: Груевски се изјасни за двојната формула, Црвенковски неколку пати оцени дека е тоа надмината позиција на преговори.

Двојната формула повторно во игра

„Се работи повеќе за контрадикторност, ја актуелизираме двојната формула, а од друга страна, да се потсетиме дека пред самитот во Букурешт Македонија веќе отстапи од таа своја позиција,“ изјави македонскиот претседател Бранко Црвенковски.

Mazedonischer Präsident, Branko Crvenkovski
Бранко ЦрвенковскиФотографија: Petr Stojanovski

Премиерот Никола Груевски пак порача:

„ Да одиме повторно кон она што самото по себе содржи компромис, а тоа е двојната формула, едно име за секаде, Република Македонија, за со Грција би можеле да разговараме за одредена мала модификација. “

Mazed.prämierminister, Nikola Gruevski im Parlament in Skopje
Никола ГруевскиФотографија: MIA

Партиите со обвинувања

Новиот водач на СДСМ, Зоран Заев, го изнесе партискиот став: замена на референцата ФИРОМ во ОН, но без промена на уставното име и со право земјите што ја признаа Македонија и натаму така да ја именуваат.

Премиерот навистина политичкиот дијалог го користи како параван, а не како вистинска желба да се постигне консензус во државата за најважните прашања, изјави Заев.

Албанските политички партии се за евроатлантските интеграции

Пред денешната лидерска средба американскиот амбасадор беше во Тетово. Филип Рикер ги слушна ставовите на ДУИ и ДПА. Тие се залагаат за евроатлантските интегративни процеси, значи влез на Македонија во НАТО и ЕУ.

„Слабеењето на преговарачките позиции води кон пораз, второ- принципиелна наша позиција е дека Македонија нема друга алтернатива. И борбата за зачувување на идентитетот и името нема смисла по друг пат,“ изјави водачот на ДПА, Мендух Тачи.

Владиниот партнер, ДУИ, ја поддржува политиката да се сочува уставното име, но лидерот Али Ахмети инсистира на поактивно учество на Албанците во конечниот грчко - македонски договор за името.

„ Сакаме да бидеме дел од решението“, изјави Али Ахмети во истиот ден, кога премиерот Никола Груевски се изјасни за двојна формула за името во грчко - македонските преговори како официјален став на владата.