1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Владата ја разреши Ана Петровска

ДТЗ
4 август 2021

Во јавноста, разрешувањето на Петровска се толкува како кулминација на внатрепартиските случувања во ДОМ и обид да се зачува парламентарното мнозинство.

https://p.dw.com/p/3yWwd
Mazedonien Gebäude Regierung
Фотографија: DW/P. Stojanovsk

Владата на денешната седница ја разреши Ана Петровска од функцијата в.д. директорка на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) и на нејзино место го именува за в.д Сретен Стојковски.  Петровска за Дојче веле вели дека и понатаму ќе продолжи да работи за јавниот интерес. „Мојата служба во инспекторатот беше привилегија. Некои проблеми во животната средина почнаа да се решаваат, уште многу останаа за во иднина. Јас останувам во секторот животна средина и без оглед што не сум веќе функционер, ќе продолжам да работам за јавниот интерес“, вели Петровска за ДВ, по одлуката за нејзино разрешување. 

Разрешувањето е на барање на претседателката на ДОМ, Маја Морачанин. Од Владата претходно информираа дека  согласно меѓукоалицискиот договор во Владата, позицијата директор на државниот инспекторат за животна средина е во политичка надлежност на партијата ДОМ.  

„Кадровските решенија за државните инспекторати како носители на јавни функции се дефинираат низ разговори со коалиционите партии од владината коалиција и со преземање политичка одговорност пред граѓаните од страна на секоја политичка партија за позицијата со која раководи”, велат од Владата. 

-повеќе на темата: Чадот од депониите ги одзема и последните резерви кислород

Петровска на челната позиција во Инспекторатот за животна средина беше поставена во 2020 година. Претходно како член на Извршниот одбор на ДОМ, во 2018 година таа беше именувана за државен секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање. Петровска е инжинер архитект со долгогодишно искуство во животната средина и просторното планирање.  

Нејзиното име се споменуваше и во внатрепартиските превирања во ДОМ кон средината на мај годинава кога Петровска и на Мирослав Богдановски, останаа без партиските функции. На пролетната седница на Централниот одбор на партијата, со мнозинство гласови, им беше изгласана недоверба, со што Петровска и Богдановски ги изгубија позициите потпретседатели и членови на Извршниот одбор.  

Nordmazedonien | Umweltexpertin | Ana Petrovska
Ана ПетровскаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Причината, како што наведоа од ДОМ, е нелегитимна иницијатива за одржување вонреден партиски конгрес. Богдановски пред еден месец го врати пратеничкиот мандат и се врати на чело на Инспекторатот на Град Скопје. Во јавноста, разрешувањето на Петровска се толкува како кулминација на внатрепартиските случувања, како последица на конфликт со раководството на партијата и обид да се сочува парламентарното мнозинство, на кое му припаѓа и единствената пратеничка од партијата ДОМ, претседателката на партијата, Маја Морачанин. Таа во изјава за дел од медиумите ги демантираше ваквите наводи, истакнувајќи дека граѓаните и дел од невладините организации имале поплаки и не биле задоволни од досегашната работа на Инспекторатот.   

На социјалните мрежи врие од реакции за смената на Петровска. „Не може да менувате луѓе поради уцени на пратеници кои имаат внатрепартиски проблеми, ако тоа е навистина причината! Кога во оваа земја ќе дозволите стручни луѓе да си ја вршат работата со интегритет и професионално!?“, реагираа од организацијата за заштита на животната средина „О2 Иницијатива“.  

Инспекторатот со засилени активности

Само неколку часа пред одлуката за разрешување Петровска денеска ги презентираше резултатите од сработеното во изминатите шест месеци, кои укажуваат дека се работело со „полна пареа“. Во периодот од јануари до јуни 2021 година се реализирани 1.132 инспекциски надзори наместо планираните 866 надзори, или остварено е 30 посто повеќе од планираното. Притоа биле утврдени 363 неправилности за кои се издадани решенија за нивно отклонување. За споредба, во истиот период во 2020 година се утврдени само 120 неправилности, или во 2021 е забележано зголемување од 203 посто. Покренати се 43 прекршочни постапки од кои изречени се 36 санкции со глоба платен налог, а покренати се и две кривични постапки. Највисоката глоба која што е изречена годинава е 20 илјади евра за една оранжерија во Градско. 

„Ефикасноста на Државниот инспекторат за животна средина е видливо зголемена во изминатиот период. Одлучни сме да им застанеме на патот на оние кои се обидуваат да ја загадат природата. И покрај предизвиците со кој се соочува Инспекторатот - продолжуваме со зголемени напори за поголема казнивост на загадувачите“, порача Петровска. 

Во лов на загадувачите на Охридското Езеро

Случаите со Пејпер Мил во Кочани, одземената концесија за црпење песок на Пчиња кај Коњари, случајот со опасниот мазут во Дебарското езеро се само некои од случаите, за кои беа преземени мерки од Инспекторатот за животна средина изминатиот период. Пред неколку месеци Државниот инспекторат за животна средина во рамките на инспекциска постапка утврди дека на потегот помеѓу хотел Далјан и Дом за стари лица во изградба, на површина од 964 квадратни метри на брегот од Охридското езеро и во самото езеро, фрлен е градежен шут и насипана е земја од ископ на темели од непозната локација.И за овој случај беа поднесени пријави. 

-повеќе на темата: Кој го загадува Охридското Езеро - инспекторите излегуваат на терен

Петровска изминатиов период беше особено активна на терен околу проблемот со лоцирањето на загадувачите на Охридското Езеро. Таа минатата недела по посетата на крајбрежјето со цел скенирање на состојбите, за Дојче веле најави дека е во план лоцирање, казнување и уривање на сите објекти коишто го загрозуваат статусот на заштитено подрачје на УНЕСКО. Инспекторите за животна средина, заедно со градежна, трудова и санитарна инспекција, засилени со полициска асистенција деновиве требаше да започнат со активностите на терен. Според најавите, увид требаше да се изврши и во камповите поставени на крајбрежјето, но и на бројни објекти за коишто има сомневање дека го загадуваат езерото и го доведуваат во опасност. По укажувањата на УНЕСКО, под чие будно око ќе бидат Северна Македонија и Албанија во наредните две години, Петровска вели дека имале „мотив повеќе итно да го решат пробемот со загадувањето на Охридското Езеро“. 

„Состојбата е лоша и тоа трае подолго време. Особено на потегот кај Пештани каде што нема колекторски систем и сиот отпад и фекалии, се случува директно да се испуштаат во езерото“, изјави неодамна Петровска за ДВ. Таа најави итно решавање на проблемот со колекторот кај Воска, каде се шири непријатна миризба, со пренамена на средства од Буџетот.