1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Разумна одлука на СДСМ што дава простор за компромис“

Костадин Делимитов9 јануари 2013

Ставовите на опозициската СДСМ и условите за нивно учество во изборниот процес според дел од експертската јавност се добар сигнал.

https://p.dw.com/p/17GOA
Фотографија: MAKFAX

Универзитетскиот професор Јове Кекеновски смета дека после немилите случувања околу носењето на буџетот за оваа година ова е најздраворазумната одлука на опозицијата. Според него СДСМ била приморана на ваквиот потег откако ја увидела штетноста на избрзаната одлука да се оди со граѓанска непослушност, но и решителноста на албанските политички партии да учествуваат на локалните избори:

„Се работи за политичко коректна одлука која дава реални шанси да се дојде до компромис помеѓу партииите на власт и опозицијата. И во СДСМ беа свесни дека нема таква партија на власт која од готово ќе прави вересија и ќе дозволи изборите да ги организира целосно нова техничка влада. Јас сум единствениот кој тврдеше дека опозицијата ќе учествува на локалните избори и евентуалните предвремени парламантарни избори и оваа одлука само го потврдува мојот исправен став кој го изкажав на денот на донесување на буџетот. Одлуката на СДСМ доаѓа во прав момент и е посакувана за премиерот Груевски од причина што и тој е свесен дека е потребна реконструкција на Владата“, смета Кекновски.

Jove Kekenovski Professor an der Fakultät für Tourismus in Ohrid
Јове КекеновскиФотографија: Jove Kekenovski

Одлуката на СДСМ според професорот Билјана Ванковска е добар знак дека најголемата опозициска партија сфаќа дека политичкиот процес мора да се води низ институциите. Првичниот впечаток според неа е дека СДСМ ретерира од најавите за доаѓање на власт од улица, граѓанска непослушност и сценарио „5 Октомври“, што смета дека е добро. Пресудно влијание за ваквиот развој според Ванковска имала меѓунардоната заедница:

„Се чини, ставот на меѓународната заедница имаше пресудно влијание, како и отрезнувачкиот факт дека народот не тргна спонтано во општонароден протест. Синтагмата која ја употреби во своите барања СДСМ е нон-сенс, бидејќи ’влада на доверба’ е по правило онаа која има мнозинство во парламентот. Формално-правно, владеачката коалиција го исполнува тој услов, по дифолт. Барањата за смена на тројца министри од сегашниот владин состав е подеднакво проблематично, затоа што за нивната смена најнапред треба да одлучи премиерот а во случајот на министерот за правда, по нашата практика, се прашува и Али Ахмети, а потоа ги разрешува парламентарното мнозинство. Освен тоа, Гордана Јанкуловска и Зоран Ставревски кој има и функција на вице-премиер се луѓе од најголема доверба на Груевски, иако е точно дека и двајцата имаа своја симболичка улога во случувањата од 24 декември. Засилениот мониторинг би бил индикација за делегитимиација на досегашните изборни процеси, кои и домашните и надворешните набљудувачи ги оценуваа како фер и без поголеми нерегуларности. Конечно, спојувањето на локалните и парламентарните избори во дадениов момент се чини како логичен предлог, па владата најмалку што може да стори за надминување на длабоката криза е да им дозволи на гласачите да имаат улога на арбитер во политичкиот спор, особено кога е јасно дека парламентот е веќе длабоко хендикепиран, па и осрамотен, по настаните од 24 декември“, коментира Ванковска.

Proteste in Mazedonien am 29.12.2012
Фотографија: AFP/Getty Images

Сепак таа предупредува дека СДСМ не е во ситуација да наметнува услови, но истовремено нагласува дека би било политички опортуно и добро за Македонија, ако се седне на маса и ако се разговара за условите под кои би се извеле изборите.

„Се плашам дека ВМРО-ДПМНЕ има ригиден и тврдоглав став, а ароганцијата им расте откако ги видоа капацитетите на опозицијата да мобилизира граѓани, па нема да сака да прифати ниту едно барање. Основната точка на судир сега се настаните од 24 декември, а ниту една страна не отстапува од својата рововска позиција. Власта во најмала рака требаше да покаже знак на политичка одговорност со смена на претседателот на парламентот, наместо да го брани по секоја цена, небаре бил извршен обид за атентат. Видовме како заврши постапката за одговорноста на обезбедувањето и третманот на новинарите, а нема ни навестување за откривање на одговорноста на оние кои насила ги туркаа парламентарците од салата. Политички одговорна власт би презела решителни мерки и би прифатила дел од барањата на опозицијата заради општото добро, а потоа би оставила граѓаните да одлучат на фер и демократски избори“, коментира Ванковска.

Кекеновски смета дека за Груевски не би требало да претставува проблем реконструкција во неколку клучни ресори во неговиот кабинет:

„Барањата на СДСМ се однесуваат само на неколку ресори и тоа нема да биде проблем коалицијата на власт да направи нова меѓусебна прераспределба на ресорите. Ова е добра шанса за Груевски да постави пак луѓе од ВМРО ДПМНЕ кои ќе бидат прифатливи за опозицијата, кои се стручни во својата област, кои имаат свој јасен и препознатлив идентитет и етикета на бескромпомисни борци за правда, мир, ред и поредок. Миниситри кои ќе ја повратат довербата на граѓаните во системот и ќе бидат спона помеѓу позицијата и опозицијата“, смета Кекеновски.