1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Ракети како тест-балони

Александер Фројнд
14 февруари 2017

Со најновото лансирање на ракета Пјонгјанг сака да ја тестира новата влада на САД и да ја зајакне својата преговарачка позиција. Токму затоа е многу важно Трамп да се усогласи со Кина, смета Александер Фројнд.

https://p.dw.com/p/2XWnS
Nordkorea Raketentest
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/A. Young-Joon

Ритуалите се повторуваат со години. Северна Кореја провоцира со воени тестови, индоктринираниот народ слави, соседите Јужна Кореја и Јапонија најжестоко протестираат, потоа заедно со силата-заштитничка САД го свикуваат Советот за безбедност, меѓународната заедница ги осудува тестовите, Кина неволно се приклучува кон критиката и потоа се воведуваат нови санкции.

Нови санкции? Како би можеле натамошно да се заострат и онака веќе драстичните санкции за и онака целосно изолираната земја? Се разбира, тоа не носи ништо, а тоа го знае и Северна Кореја. Но тоа впрочем се само ритуали. А Пјонгјанг некако мора да биде казнет.

И Трамп нема да ризикува ескалација

Поаѓајќи од оваа логика, Пјонгјанг ја користи најновата ракета како тест-балон. За да види, како новото американско раководство ќе реагира на провокацијата. Зашто, новиот претседател на САД и не е толку непресметлив. Трамп нема да ризикува ескалација на конфликтот. А и зошто впрочем? Тој може ракетниот тест да го земе како повод на загрозените соседи Јужна Кореја и Јапонија да им осигура секаков вид поддршка и истовремено од нив да побара самите да преземат поголема одговорност за нивната самоодбрана.

Тоа конкретно значи дека американскиот одбранбен ракетен систем ТХААД ќе биде стациониран во Јужна Кореја и оти национал-конзервативната влада на Шинзо Абе постепено ќе ги менува пацифистичкиот устав на Јапонија. И фактот дека јапонскиот премиер случајно штотуку беше на гости во Вашингтон, Трамп и Абе можеа нивната меѓусебната поддршка  да ја презентираат медиумски ефикасно: Што треба да се прави? Со оглед на севернокорејската закана помага очигледно само вооружување!

Freund Alexander Kommentarbild App
Александер Фројнд

Покрај Северна Кореја од гледиште на Трамп постои уште еден виновник- нејзината заштитничка сила Кина, која иако настапува сѐ поагресивно во регионот, сепак не го користи своето влијание врз Северна Кореја. Поради добра причина, зашто Кина стравува од колапс на комунистичката братска држава. Тогаш не само што веројатно милиони бегалци би се нашле на границата, туку и американското воено присуство непријатно би се приближило до Кина.

Вешто користење на ривалството меѓу Кина и САД

Северна Кореја многу вешто го користи моментот. Таа знае за стратешкото ривалство меѓу Вашингтон и Пекинг, кое Трамп свесно го распламти со целни провокации со навестената трговска, со доведувањето во прашање на политиката за една Кина или со критиката за кинеската експанзија во Јужнокинеското Море. Севернокорејската тактика зад најновиот тест-балон јасна и ветува успех. Имено само од позиција на сила Пјонгјанг ќе биде прифатен како партнер за преговори. Кој не поседува оружје за масовно уништување, ќе биде соборен од власт- како Гадафи во Либија, Садам Хусеин во Ирак. Кој, меѓутоа- како Иран- одржува атомска програма и изгледа како сила која мора да се сфати сериозно, со него може да се постигне дил, кој дури би можел да биде атрактивен за двете страни.

Меѓутоа САД досега не прифаќаа таква гнила трговија. Засега Вашингтон не сака директни преговори со Пјонгјанг, туку решение преку повеќестрани преговори, значи продолжување на шестпартитните преговори. И така би требало и да остане. Подобро ритуали отколку преземање нешто на своја рака, зашто тоа може само да наштети во едно вакво дипломатско минско поле. И Трамп ќе осознае дека многу теми можат да се решат само заедно со Кина. Решение за Северна Кореја кое ветува успех, може да има дури откако биде овозможена доверлива соработка меѓу Вашингтон и Пекинг. А дотогаш Пјонгјанг и натаму ќе  стреми кон признание со  провокативни ракетни тестови.