1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ракометарите пред нов предизвик

АТ/ АМ/ макфакс7 април 2012

Македонските ракометари со пораз од Унгарија 26:28 (13:15), стартуваа на предолимпискиот турнир во Гетеборг, преку кој се обидуваат да изборат пласман на Олимпијадата во Лондон. Следниот противник е Шведска.

https://p.dw.com/p/14ZEV
Фотографија: Reuters

Ракометарите носени од навивачите, имаа добар старт на мечот, предводени од Наумче Мојсоски и капитенот Кирил Лазаров, многу бргу создадоа предност од два гола. Дојдоа „црвено-жолтите“ и до предност од три погодоци (11:8) и тука застанаа. Унгарија со серија од 3:0 израмни, а потоа и стигна до предност на полувремето од 15:13.

Избраниците на Звонко Шундовски лошо стартуваа во вториот дел, Унгарија целосно ја контролираше играта, кога првпат стигна до предност од четири гола. Од тој момент Македонија се обиде да ја надомести негативата, расположениот Златко Мојсоски постигна три гола во серија и ја намали предноста на само еден гол. Во решавачките мигови на натпреварот пресуди искуството на Унгарците, кои играа трпеливо во нападот, чекајќи ја вистинската шанса за да постигнат гол.

Бројот на технички грешки и лошата игра на македонската репрезентација, во ситуација кога имаше играч повеќе на теренот, се вистинските причини за поразот.

Капитенот Лазаров со 7 гола беше најефикасен играч на натпреварот. Во македонскиот тим уште Наумче Мојсоски постигна 6, а Миркуловски и Златко Мојсоски по 4 гола, додека голманот Ристовски заврши со 12 интервенции. Унгарците ги предводеа Часар и ветеранот Перез по 6 гола.

Следен противник на Македонија ќе биде Шведска, натпреварот ќе се одигра денеска со почеток во 16 часот.