1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

180909 Ramadan Ende D

20 септември 2009

Со Шавал почна 10. месец од исламскиот календар. За муслиманите во цел свет тоа е причина за славје, зашто завршува месецот на пости - Рамазан. Празникот Бајрам трае три дена. Како го слават муслиманите во Германија?

https://p.dw.com/p/Jkre
Фотографија: picture-alliance/ dpa

Месарот Саид од Бон повторно има многу работа. 62 годишниот Алжирец е муслиман, исто како и мнозинството негови муштерии. Месецот на пости Рамазан за него, што се однесува до бизнисот, беше слаб:

„За време на Рамазан сите си одат дома, во татковината. По Рамазан се враќаат повторно на работа.“

Муслиманите кои останале во Германија, пак, во деновите пред Бајрам купуваат засилено, за празникот да се пречека подготвено. На маса ќе се најдат и бајрамските кулинарски специјалитети, така што во месарницата на Саид повторно има многу луѓе.

Ramadan in Deutschland
На молитва во џамија за празникотФотографија: AP

Постот е важна обврска за муслиманите

Рамазанскиот Бајрам, покрај Курбан Бајрам, е најважниот празник во муслиманскиот календар. Со него муслиманите му се заблагодаруваат на алах што им помогнал да постат цел месец. Самата трпеза на Бајрам е наградата на алах за постот и одрекувањето во текот на постот. Постот е еден од петте обврски во исламот. Но, празникот на крајот на постот е многу повеќе од само богата трпеза, вели Рула Манан од Сирија, која веќе пет години е во Германија.

„Се станува многу рано, околу 5 часот и се оди на гробишта да се посетат умрените. Се оди и во џамија на молитва, а потоа луѓето се враќаат дома, појадуваат и се почнува со меѓусебни посети.“

Три дена се оди во посета на родителите, роднините, пријателите, колегите и соседите во знак на почит, или им се честита телефонски. На Бајрам посебно му се радуваат децата. Рула Манан се сеќава на своето детство и вели дека добивала нов фустан, нови чевли, фризура, накит.

„Кога знаев дека доаѓа Бајрам, не спиев. Не можев да спијам. Чекав кога ќе дојде денот, кога сонцето ќе засјае. Не можевме да спиеме“, се присетува Рула Манан.

Автор: Филип фон Бремен/ Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Жана Ацеска