1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Рамковните“ вработувања ги кршат законите?

8 декември 2011

Нови 275 службеници од немнозинските етнички заедници во Македонија, доминантно од албанската, ќе се вработат во државната администрација врз основа на огласот на Секретаријатот за спроведување на рамковниот договор.

https://p.dw.com/p/13Obn
Фотографија: fotolia

Треба да бидат вработени лица на работни места од советници, до раководители на разни сектори. Најмногу, 200 лица, ќе бидат примени како најмлади соработници за стратегија, планирање и придружба. Огласот беше затворен на 24. ноември, а беше објавен на 16. ноември, еден месец откако Европската комисија го публикуваше својот годишен извештај за Македонија за 2011. година.

Во овој европски документ беше констатирано: „Од февруари 2011 година околу 1600 државни службеници од немнозинските етнички заедници беа примени во државната служба, заради сообразноста со начелото за правична застапеност. Но, продолжува трендот на ангажирање лица од овие заедници врз квантитативна основа, без да соодветствува со вистинските потреби на институциите. Потребни се повеќе напори да се зголеми квалитетот на процесот на ваквите вработувања.“

„При вработувањата се респектираат квалитативните параметри“

Во изјавата за Дојче веле во врска со овие европски ставови и најновиот конкурс, владиниот потпретседател Муса Џафери вели дека ангажманот на „рамковните“ административци се врши според реалните потреби:

„Ако се бара правник, ние вработуваме правник. Ако луѓето од Европската комисија имаат некоја критика да се внимава на квалитет, не може да се осудува дека не се прави тоа. Секаде има простор за подобрување на процесот на тие вработувања, или за исполнување на правичната застапеност, но, сепак, ние се раководиме првенствено од квалитативните параметри, тие се гледаат. Притоа, некој може и да има некоја забелешка, ама тоа е премногу генерално. Нема некои анкетирања, или оценувања, кои ќе резултираат со заклучок дека примените кадри не се квалитетни.“

Musa Dzaferi Vize Premierminister Mazedonien
Муса ЏафериФотографија: Sveto Toevski

„Примањето во работен однос на цели контигенти од по 300 или повеќе службеници од немнозинските етникуми само врз основа на политички одлуки, само затоа што се работи за припадници на одредени политички партии, без да се води сметка за системот на заслуги и за напредување во кариерата, е директно кршење на законот за државни службеници и на законот за јавни службеници“, категоричен е Борче Давитковски, професор по административно право и администрација на Правниот факултет на државниот универзитет во Скопје, прецизирајќи: „Овие закони во своите општи начела ја предвидуваат правичната застапеност како начело, но не и постапката со скратена процедура да се примаат по неколку стотини луѓе наеднаш. Секое работно место треба да се огласува, а не да се примаат во Секретаријатот за Охридскиот рамковен договор, како во конкретниов случај - 275 луѓе и потоа тој исти секретаријат да ги распоредува тие луѓе по други органи, институции и министерства. Овој начин на примање е спротивен на регулативата и затоа Европската комисија реагира, бидејќи не се применуваат законот за државни службеници и законот за јавни службеници, туку вработувањата се вршат со политички одлуки.“

Symbolbild Bürokratie
Според годишниот извештај на Европската комисија за Македонија, „голем број нововработени државни службеници примаа плата, и покрај тоа што не им беа доделени никакви задачи и одговорности“Фотографија: picture alliance/dpa

Според годишниот извештај на Европската комисија за Македонија, „голем број нововработени државни службеници примаа плата, и покрај тоа што не им беа доделени никакви задачи и одговорности.“

Вицепремиерот Џафери во врска со ова истакнува:

„Тоа е нормално. Ние се соочуваме со проблеми околу просторот, инвентарот... Тоа не е едноставно: да се вработуваат луѓето и се‘ да биде средено и сместено. Тие се распоредуваат и по подрачните единици на министерствата, таму каде што има потреби за такви услуги, какви што тие ги вршат. Ние ги трансферираме овие административни државни службеници и знам дека има законски пречки, бирократски пречки. Ние ги менаџираме само вработувањата, согласно законот за државни службеници. Секретаријатот за рамковен договор се‘ уште нема законска основа да ги менаџира и вработувањата и исполнувањето на правичната застапеност во јавната администрација и заради тоа ние ја имаме оваа блокада.“

Каде и кога ќе бидат распоредени овие 275 државни службеници? Џафери одговара: „Ќе ги распределиме според потреба, зависно од нашите внатрешни извештаи онаму каде што ќе има потреба.“

На наредната страница:

„Рамковните вработувања мора да бидат активни, а не формални“

Професорот по уставен и политички систем Осман Кадриу коментира: „Најновиот објавен оглас е во духот на соодветната застапеност на сите етнички заедници во државните институции, а не само на Албанците. Со овие нови вработувања сигурно ќе се настојува, што е добро подвлечено и во агендата на Владата, да нема само формални вработувања и да се примаат плати, а да се седи дома. Значи, и оние што се примени од порано, но се‘ уште не се ангажирани, а и новите вработувања, мора да претставуваат активни вработувања. Односно, тие лица да бидат примени на конкретни работни места и со конкретни задачи, да ги знаат своите работни обврски, да работат и само на таков начин да го оправдуваат примањето на својата плата.“

Symbolbild Bürokratie Aktenordner
Само во оние случаи кога имаме соодветно вработување, што значи на квалитетни кадри, тогаш ќе имаме силна и здрава администрација, вели КадриуФотографија: BilderBox

Споменатиот извештај на Европската комисија нотира уште еден момент - дека постапката на ’рамковните’ вработувања останува „подложна на несоодветни политички влијанија“.

Муса Џафери околу ова посочува: „Тоа се одвива врз основа на владината програма. Тие вработувања се прават транспарентно врз основа на огласи, преку Агенцијата за државни службеници и Министерството за информатичко општество и администрација. Тоа се проверува и преку Министерството за финансии. Тоа не може да минува низ толку институции, неадекватно и под политичко влијание.“

Кадриу забележува: Треба да се обрнува внимание на непартиските вработувања, врз основа на конкретни услови и потреби, кои ги наложуваат законот за државни службеници и законот за јавна администрација. Само во оние случаи кога имаме соодветно вработување, што значи на квалитетни кадри, тогаш ќе имаме силна и здрава администрација.“

Вработувањата врз основа на припадност на политичка структура ќе ни‘ се вратат како бумеранг“

Давитковски заклучува: „Активирањето на принципот ’споилс’, односно, вработувањата врз основа на припадност на одредена политичка структура, ќе ни‘ се врати како бумеранг. Токму оваа администрација не можеме да ја издржуваме. Шеесет отсто од буџетот оди за нивните плати. Кога ќе го добиеме датумот за преговори со Европската Унија и кога ќе започнеме да ги отвораме тие 35 поглавја, ќе видиме колку е неспособна нашата администрација. Тоа го видов уште во 2005 година, кога ги пополнувавме прашалниците. Нив ги пополнуваа универзитетски професори. Сега ќе се случи истото: 35 поглавја треба да се отворат и да се затворат. Тоа значи дека нашиве административци да седнат со администрацијата од Брисел, да ги листаат поглавјата и да минуваат проблем по проблем, да елаборираат дали сме ние подготвени, или не сме подготвени. Тоа бара многу знаење, тоа не може да го прави некој што е примен без соодветно образование.“

Symbolbild Lissabon-Vertrag
Кога ќе го добиеме датумот за преговори со Европската Унија и кога ќе започнеме да ги отвораме тие 35 поглавја, ќе видиме колку е неспособна нашата администрација, нагласува ДавитковскиФотографија: EC AV Service

Од владиниот Секретаријат за рамковниот договор информираат дека ќе се направи опсежна анализа до крајот на оваа година за тоа колкава е вкупната застапеност на малцинските етникуми и во државната и во јавната администрација. Европската комисија веќе констатираше дека „вкупниот број државни службеници од немнозинските етнички заедници во земјата достигнал 30 отсто, што е во согласност со демографската структура на населението.“

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска