1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Расизам на фудбалските терени во Германија

7 октомври 2009

Во Германија се’ почест проблем е расизмот на фудбалските терени. Фудбалот е важно средство и за општествена интеграција на странците. Трудот околу интеграцијата се обидуваат да го уништат расистичките навивачи.

https://p.dw.com/p/K0DM
Фотографија: picture alliance / Ulmer

За разлика од балканските земји, каде фудбалот е тесно испреплетен со политичките случувања и често обременет со националистички страсти, во Германија се’ почест проблем е расизмот на фудбалските терени. Фудбалот тука се смета и за важно средство за општествена интеграција на странците. Од околу два милиони млади кои редовно играат фудбал во некој германски клуб, дури половината потекнуваат од странство. Бундеслигата е незамислива без странски ѕвезди како Робен, Рибери или Пизаро. Сепак, целиот труд околу интеграцијата се обидуваат да го уништат, или го уништуваат расистичките навивачи.

За секој вистински навивач, фудбалот е незамислив без емоции, без изливи на бес и длабоки разочарувања. Покрај тие „позитивни“, на трибините корен фаќаат и некои други „негативни“ емоции: омраза кон странците, нетолеранција, социјални фрустрации... Според социологот од Хановер, Гинтер Пилц кој го анализира однесувањето на навивачите, причината за таа појава лежи во фактот дека меѓу навивачите има и личности кои „стравуваат од иднината, немаат перспектива и потоа во расистичките пароли и идеологијата бараат решение за своите проблеми.“

Анонимни навивачки маси

Благодарение на анонимноста на навивачките маси, таквите пароли се извикуваат и на трибините на фудбалските стадиони. Можноста за безусловна идентификација со сопствената екипа, констелациите наши - нивни, жедта за успех и фактот дека се’ она што е поврзано со фудбалот во медиумите наоѓа голем одек - тоа е комбинацијата поради која фудбалот и фудбалската супкултура стана така атрактивна за екстремната десница.

Deutsche Fußballfans beim EM Spiel Deutschland Polen
Десноекстремни, антисемитски и расистички обрасци на однесување има во речиси сите германски лигиФотографија: AP

Виновна е и општествената положба која фудбалот ја ужива во многу општества. Во Германија, на пример, фудбалот не е само најпопуларната спортска игра која има свои обожаватели во сите општествени слоеви. Фудбалските и, генерално, спортските клубови се огништа на општествениот живот. На западот на Германија секој трет, а на истокот секој четврти граѓанин активно учествува во работата на некое спортско друштво. Покрај тоа, фудбалот е и многу важна платформа за социјализација на младите машки, а се почесто и женски гледачи.

„Токму поради тоа и десноекстремните сили преку спортските активности се обидуваат да ја шират својата идеологија“, вели Ангелика Риблер од Здружението на спортската младина во Хесен, кое веќе подолг период се бори против расизмот во фудбалот.

Расизам во сите лиги

Десноекстремни, антисемитски и расистички обрасци на однесување има во речиси сите германски лиги, од Бундеслигата па до четвртите и петтите лиги. Студијата на Сојузниот институт за спортска наука од Бон објавена во 2006 година покажа дека постои само мала разлика меѓу истокот и западот на земјата. На истокот, десноекстремните фанови поотворено и поофанзивно ги практикуваат своите активности во фудбалските кругови, отколку во западниот дел на земјата.

Во елитната фудбалска Бундеслига, каде владее висок степен на професионализација, и каде трибините се под постојан надзор со помош на видео-камери, експертите увидуваат т.н. суптилен расизам. Наместо да скандираат озлогласени пароли, активистите на крајната десница преку одредени шифри и‘ праќаат пораки на пошироката јавност.

Тие се движат на границата на легалноста кога носат маички со бројот 18 - како симбол за првата и осмата буква во германската азбука = А и Х , иницијалите на Адолф Хитлер.

Прикриен расизам на трибините

Социологот Гинтер Пилц наведува и други примери на прикриен расизам на трибините: „Во тие суптилни облици спаѓа и фактот дека на црномурестите играчи побрзо им се свирка кога играат лошо, отколку на германските фудбалери.“

Во неодамна објавената студија „Десен екстремизам, расизам и омраза кон странците во фудбалот“ која ја издаде Германскиот институт за млади од Минхен, странските играчи, во прв ред црномурестите, тврдат дека се постојано навредувани не само од навивачите на трибините, туку и од противничките играчи, тренерите, па дури и од судиите.

Fußball und Rassismus
На црномурестите играчи побрзо им се свирка кога играат лошо, отколку на германските фудбалериФотографија: AP

Неретко таквите навреди се претвораат во физички пресметки. Од аматерскиот фудбал, првенствено во оние региони со висок процент на мигранти, се‘ почесто стигнуваат извештаи за брутални тепачки на теренот. Ангелика Риблер говори за таквите ситуации: „Постојат ситуации во кои некои играчи, или цели тимови многу добро се познаваат од порано и веќе имаат создадено негативна слика за противникот. Тие млади луѓе потоа на теренот излегуваат со многу лоши чувства во стомакот...“

Со други зборови, во играта има премногу агресија. Во Германија постојат бројни проекти кои се борат против расизмот во фудбалот. Со превенција на судирите се занимаваат и навивачите и навивачките здруженија, клубовите, но и самите фудбалери. И Германскиот фудбалски сојуз со превентивни мерки се бори против дискриминацијата во овој спорт. Но, за искоренување на расизмот и десниот екстремизам во фудбалот, па и во општеството генерално, не се доволно само јавни апели на познатите личности, туку и ангажман на секој одделен навивач.

Автор:Пандели Пани / Борис Георгиевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска