1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Расистички полициски контроли во Германија?

Наоми Конрад/ Симе Недевски 13 јули 2013

Практиката на германската полиција во возовите целно ги проверува патниците со темна боја на кожа според активистите за човекови права е чист расизам. Полицијата ги негира обвинувањата.

https://p.dw.com/p/196yR
Фотографија: picture-alliance/dpa

Излижаните скали водат до вториот кат на една неугледна зграда во центарот на берлинската населба Кројцберг. На ѕидовите се излепени шарени плакати. На влезната врата чека Биплап Басу од организацијата „РичАут“ која ги советува жртвите на расизам и десен екстремизам. Басу знае за што зборува бидејќи и самиот, како што вели, често е жртва на секојдневен расизам.

Понижени и навредени

Еден од примерите: пред неколку месеци Басу и неговата ќерка ги контролирале во еден воз. При тоа тие биле единствени на кои полицајците им барале лични документи. Басу, кој пред 30 години се доселил во Германија од Индија, е сигурен дека е тоа исклучиво поради бојата на кожата. Тој се жалел поради постапката на полицијата и има намера дури да покрене и тужба со која сака да докаже дека тој и неговата ќерка биле контролирани поради бојата на кожата. Биплап Басу веќе со години се бори против практиката на „расистичките полициски контроли“, организира протести и дели летоци.
Биплап верува дека целното контролирање на патниците со темна боја на кожата во возовите и на аеродромите влијае и на ширење предрасуди според кои сите со потемна кожа се потенцијални криминалци. На Басу му пречи и пасивноста на погодените. „Поголемиот број од нив кои полицијата целно ги контролира не се буни против таквата пракса дури и кога се понижени и навредени“, вели тој активист. Многумина редовните полициски контроли ги сметаат како дел од секојдневието.

Но, треба да се каже и тоа дека борбата против оваа целна контрола не е лесна. Иако, со германскиот Устав дискриминацијата врз основа на бојата на кожата е јасно забранета, законот на Пограничната полиција и' дозволува целни контроли во превозните средства, на железничките станици или на аеродромите, а се' „со цел спречување на недозволен влез во земјата“.

Нема расно и етничко профилирање“?

Притоа се работи за контроли кои се спроведуваат дури и кога нема основано сомневање. „Полицијата се потпира на сопствена проценка која на крајот, во пракса, се базира на надворешниот изглед на лицето. Дискриминацијата е значи дел од структурата“, вели Хендрик Кремер од Германскиот институт за човекови права. Тој бара да се смени законот кој тоа го овозможува.

Terrorwarnung Deutschland Sicherheit Kontrollen Flughafen
Фотографија: dapd

Кремер веќе некое време се занимава со тој закон и ги посетува тркалезните маси на кои активистите за човекови права и претставниците на полицијата заедно разговараат за тој проблем. Тој секогаш одново воочува дека претставниците на полицијата едноставно не можат да ги разберат обвинувањата кога станува збор за расизам. Кремер не е изненаден бидејќи, на крајот, полицајците на кои им се префрла за расистичко делување, само се придржуваат кон официјалните упатства за контролирање на лица врз основа на „одредени карактеристики“.

Полицијата и на прашањето на ДВ ги отфрли обвинувањата дека се работи за контроли според некоја основа. „Расно“ или „етничко профилирање“, како што е наведено во официјалното соопштение, не се применува во тек на контролите. „Одделни контроли се базираат на проценка на лице место“, се наведува понатаму во соопштението. Во таа проценка влегува и „етничката припадност“, но и останатите „видливи карактеристики“ како облеката, видот на багаж или однесување. Полицајците во текот на обуката исто така се „сензибилизираат“ кога станува збор за таа проблематика. Како ударен аргумент Пограничната полиција го наведува и податокот дека во своите редови вработува и 800 луѓе со „доселеничка потекло“.

Костумот (не) го чини човекот

„Сето тоа е фрлање песок во очи“, ги коментира Биплап Басу тврдењата на Пограничната полиција, која во Германија е задолжена за патничкиот сообраќај. „Бојата на кожата при контролите на патниците е најважен фактор и тоа е неоспорно“, тврди Басу. Во тој момент му ѕвони мобилниот телефон. Му се јавува едно момче со потекло од Африка кое бара правен совет за тоа што да стори, бидејќи добил прекршочна пријава поради наводна навреда на полицаец.

Тоа не е единствен случај. На Басу постојано му се обраќаат млади луѓе за помош, доселеници со темна кожа кои доаѓаат во конфликт со полицијата во тек на контролите. Еден од нив е и Авганистанецот Омар кој досега добил 23 прекршочни пријави поради приговор кога, како единствен во возот го контролирале. Или поради тоа што се наоѓал надвор од местото на живеење.

Барателите на азил, имено, немаат право да се движат низ Германија додека се решава за нивното барање. Омар тоа го игнорира. Всушност, воопшто не би смеел да биде во Берлин, но се надева дека нема да го откријат  бидејќи сепак неговата кожа, како што вели, „не е толку темна“. Омар во Германија е веќе 4 години и до сега полицијата го запрела многу пати. „Но не толку често како оние со уште потемна кожа“, заклучува тој.

Биплап Басу верува дека и него не го контролираат толку често поради фактот што секогаш носи костум. Значи, можеби бојата на кожата не е најважна за контролите? Басу одговара негативно и веднаш наведува еден пример од секојдневието: „Една моја пријателка од Индија, познат научник, беше со своето семејство на одмор во Германија. За многу кратко време биле контролирани неколку пати. И тоа е дефинитивно поради бојата на кожата.“