1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Расмусен не ја сака улогата на набљудувач

Коментар: Бернд Ригерт/ Превод: Жана Ацеска4 септември 2013

Генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен инсистира на интервенција во Сирија, но рацете му се врзани, се чека реакцијата на САД. Улогата на нем посматрач не му одговара на Расмусен, коментира Бернд Ригерт.

https://p.dw.com/p/19bhH
Фотографија: Reuters

Расмусен, генералниот секретар на НАТО, радо би започнал казнена мисија против сирискиот властодржец за употребата на хемиско оружје, што го смета за сигурно. Но, тој не смее, мора да седи со скрстени раце и да чека . Додека Расмусен е убеден во вината на сирискиот режим за употреба на отровен гас докажана преку тајните документи, најголем дел од 28-те членки на Алијансата не се толку трпеливи и чекаат прво на одлуката во Вашингтон, водечката сила во НАТО. Мора да се интервенира за да се заплашат и одвратат другите диктатори од идејата да употребат хемиско оружје, смета Расмусен. Неговото барање, иако не изрично, е упатено кон САД и останатите водечки сили во НАТО, кои воопшто би биле подготвени да изведат целни напади против позициите на Асад.

НАТО како организација може да се вклучи во акција само ако земјите-членки се единствени и побараат поддршка. Засега, тоа оддалечено со милји, што го фрустрира Расмусен, кој своевремено како дански премиер застана цврсто на страната на американскиот претседател Џорџ Буш при интервенцијата во Ирак.

За разлика од мисијата на НАТО во Либија пред околу две години, сега не постои мандат на ОН , кој би служел како покритие и би ја оправдал употребата на сила. Навистина, НАТО во 1999 година започна војна во Косово и без мандат на ОН, но тогаш членките на Алијансата беа единствени, а САД одлучно застанаа на чело.

Deutsche Welle Bernd Riegert
Бернд Ригерт

Во случајот со Сирија ситуацијата е замрсена. НАТО нема никаква улога. Велика Британија и Германија, од различни причини, нема да учествуваат во воен напад врз Сирија. Само Франција, како единствен европски член на НАТО, може да им се придружи на САД. Кога Расмусен побара од меѓународната заедница да интервенира во Сирија, моќниот воен сојуз остана настрана како посматрач. Тоа е всушност спротивност на она што новиот НАТО требаше да биде по крајот на Студената војна. По исцрпувачката војна во Авганистан, членките на Алијансата загубија волја за влез во нова авантура надвор од територијата на Алијансата. Никој не сака да влезе во непредвидливите ризици. Во тоа не помагаат ниту апелите на генералниот секретар Расмусен.

Единствената улога која ја има НАТО на маргините на сирискиот конфликт е заштитата на членката Турција. Противавионските одбранбени ракети „Патриот“ од Германија, Холандија и САД се стационирани во југоисточниот дел на Турција на барање на Анкара. Ако Сирија при натамошно заострување на конфликтот ја нападне Турција, картите ќе се мешаат наново. Тогаш тоа би значело „случај за НАТО“ според членот 5 на Повелбата на воената алијанса. Тогаш НАТО веќе не би бил само посматрач.